Натпреварот од Купот со Вардар, ФК „Каменица Саса“ ќе го посвети на Томе Јанев – ММС
ММС

Објавено на: 08/27/19 5:44 PM

Натпреварот од Купот со Вардар, ФК „Каменица Саса“ ќе го посвети на Томе Јанев

 Утрешниот фудбалски спектакл од фудбалскиот куп на Македонија на кој силите ќе ги одмерат екипите на ФК „Каменица Саса“ и скопски Вардар, домашната екипа одлучи да му го посвети на фудбалерот на ФК „Беласица“, Томе Јанев. Со цел да се помогне лекувањето на овој млад човек и спортист, за време на натпреварот на градскиот стадион во Македонска Каменица ќе биде поставен штанд за донации, на кој како што информираат од клубот, секој навивач, фудбалски работник и пред се човек, ќе може да донира и да го помогне неговото понатамошно лекување.
-Ова е наша, првична поддршка за Томе, а во наредниот период ќе ги разгледаме сите можни варијанти, како да му помогнеме на Томе да си го врати здравјето. После натпреварот ќе биде направен записник за собраните средства, a во изработката на истиот ќе може да присуствува било кој навивач или спортски работник и истиот ќе го изработиме на самите трибини во Македонска Каменица, велат од ФК „Каменица-Саса“.
Томе Јанев боледува од амиотрофична латерална склероза и за лекување во наредните три години, како што објаснија неговите колеги од Македонска Каменица, му се потребни 160 илјади евра.
-Среќен сум што во разговорите со Томе Јанев го слушаме оној фудбалскиот инает и зборовите дека нема откажување, се до конечна победа над болеста, со што сакаме да ја дадеме целата наша поддршка, во таа борба, нашиот колега да издржи, додаваат од „Каменица-Саса“

МИА