Советот за јавни обвинители денеска треба да одлучува дали ќе започне постапка за разрешување на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која во моментов е во притвор во за предметот „Рекет” на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.
На седницата, како што информираше вчера за МИА претседателот на Советот Коле Штериев, ќе се одлучува дали Советот ќе оцени да започне постапка за разрешување на Јанева и да донесат извештај.
Седницата на Советот ќе биде затворена за јавноста поради тајноста на истражната постапка којашто сеуште е во тек.
Штериев, минатата недела соопшти дека до нив е доставен извештајот, но оти не се комплетирани списите за активностите што се преземени во предистрагата и истрагата за случајот во кој е осомничена и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Штериев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.
Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, пак, Советот на јавни обвинители е тој што треба да решава и за местото прв човек на СЈО. Тој се повикува на Законот за јавното обвинителство каде во ваков случај треба да реагира Советот и да назначи вршител на должноста. Тоа, според него, би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.
МИА