Екипи од армиите на Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија од денеска во следните пет дена ќе се натпреваруваат на единаесеттиот по ред футсал „Куп за мир“ кој беше официјално отворен претпладнево во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на отворањето пред присутните, меѓу кои и генералниот секретар на Меѓународниот совет за воени спортови, како организатор на футсал – купот, полковникот Дора Мамби Коита и проект – менаџерот за фудбал, полковникот Абдулрахем Бело, на учесниците им посака успех во претстојните натпревари, за кои изрази уверување дека ќе се одиграат во позитивен, пријателски и спортски дух, зашто „земјите – учеснички знаат да соработуваат, да се натпреваруваат и да го почитуваат фер – плејот“.
Полковникот Коита истакна дека овој регионален куп се одржува од 2009 година.
Натпреварувањето во футсал – купот, помеѓу армиите од регионот е единаесетто по ред, а иницијативата за негово одржување за првпат е покрената на четвртите Воени олимписки игри во Индија, во 2007 година во рамките на семинарот „Спорт за мир“.
Армијата на Република Северна Македонија последен пат беше домаќин на „Футсал куп за мир“ во 2013 година. Армијата е полноправна членка на МСВС од 2005 година, кога е примена како 127 членка, од вкупно 140 членки -армии од целиот свет.
Натпреварите ќе се одржуваат до 30-ти август во спортскиот центар ,,Јане Сандански“ во Скопје .