Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска потврди дека е точен записникот од исказот на Орце Камчев во случајот Рекет, кој денеска го објави порталот Инфомакс.
„Овој записник е даден на 15. 07. 2019 заедно со предлогот за притвор за Бојан Јовановски и Зоран Кичеец во Кривичниот суд. Документот е веродоестоен и претпоставките се дека е излезен од Судот“, смета Русковска.
Нејзината изјава претпладнево во емисијата Стадион на Канал 77 ја сподели новинарот Саше Димовски, кој телефонски разговарал со Русковска. Во меѓувреме, од Обвинителството на чие чело стои Русковска се огласија со писмено соопштение во кое наведуваат дека го осудуваат објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата за предметот „Рекет“.
Документите освен како моментална сензација, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел – сметаат од Обвинителството.
Од започнување на истражната постапка, водејќи се од големиот интерес на јавноста, обвинителството секојдневно настојува во рамките на можностите да сподели детали што нема да наштетат на истрагата, а на јавноста ќе и овозможат да има реална слика за текот на постапката. Во таа насока, имајќи ја предвид сензитивноста на предметот, во неколку наврати укажуваме дека само официјално добиените информации од Обвинителството се веродостојни – се вели во соопштението.
Обвинителството нема да ги коментира информациите изнесени во јавноста, но ќе потенцира дека откривањето на доверливи информации од страна на поединци претставува опасност и штета за севкупниот општествен систем и е кривично дело. Со протекување на ваков вид документи се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката.
Во интерес на понатамошното непречено спроведување на истражната постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе преземе дејствија за утврдување на фактите како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите.
Записникот кој денеска го објавија безмалку сите медиуми во земјава, се однесува на исказот на Камчев на 02.05.2019, кој пред Русковска тврдел дека од ланскиот септември е постојано уценуван од група на луѓе кои од него изнудиле голема сума на парични средства“