Македонската полиција лиши од слобода Германец, кој се барал со потерница на Интерпол – ММС
ММС

Објавено на: 08/24/19 9:42 AM

Македонската полиција лиши од слобода Германец, кој се барал со потерница на Интерпол

Фото: Илустрација

Бирото за јавна безбедност во содејство со германски полициски службеници лиши од слобода германски државјанин. Се работи за педесет и петгодишниот Германец Р.В.Л., кој е член на меѓународна организирана криминална група.  Тој се барал со меѓународна потерница на Интерпол заради организирање и набавка на 700 кг. наркотична дрога кокаин од Јужна Америка до Хамбург.

Според истрагата, во изминатите неколку месеци тој со лажен идентитет престојувал во викенд населбата на Попова Шапка. Во куќата каде што престојувал, полицијата извршила претрес при кој пронашла и одзела помала количина кокаин и марихуана, како и пет телефони, две платежни картички, пари, лап топ, германска патна исправа на друго име, фалсификувана полска возачка дозвола  и други предмети.

По лишувањето од слобода германскиот државјанин е предаден на Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР на Република Северна Македонија заради понатамошна постапка во однос на распишаната меѓународна потерница од Интерпол.