Планинарските клубови Тетекс и Јелак од Тетово овој викенд организираат искачување на Титов Врв – ММС
ММС

Објавено на: 08/21/19 1:07 PM

Планинарските клубови Тетекс и Јелак од Тетово овој викенд организираат искачување на Титов Врв

Планинарските клубови Тетекс и Јелак од Тетово овој викенд организираат искачување на Титов Врв. По 11-пат во летниот период љубителите на планината ќе се искачат на највисокиот врв на Шар Планина.

Традиционалното летно искачување на Титов врв во заедничка организација на Планинарските клубови Тетекс и Јелак од Тетово ќе се одржи викендов по 11-пат. Организаторите очекуваат голема посетеност на планинари од цела Македонија на оваа планинарска тура, во недела, на 25 август.

– Имаме организиран превоз од Тетово од пред Центарот за култура во Тетово во 6 часот, додека во 7 часот од пред платото на хотелот Попова Шапка ќе се тргне кон Титов Врв. Очекуваме најмала бројка од околу 150 планинари, а се надеваме дека времето ќе не послужи, според прогнозите ќе биде сончево и топло, изјави претседателката на ПК Тетекс, Снежана Новаковска.

Организаторите укажуваат планинарите да имаат соодветна опрема за вакви тури, а со себе да понесат вода и лесна храна. Патеката е со должина од околу 12км за што се потребни околу 4  часа за искачување.

-Се движиме по стандардата добро маркирана патека Вакуфска патека, а искачувањето ќе трае одприлика 3,5 до 4 часа, каде ќе има мало излагање за историјатот на кулата на Титов врв. Имаме професионални водичи со лиценца, така што движењето на планинарите ќе биде безбедно. По краток престој од околу 1 час се враќаме назад по истата патека до Попова Шапка, вели претседателот на ПК Јелак, Борис Стојановски.

Планинарската тура ќе биде пријавена во СВР Тетово, а во групата ќе има и лекар и медицинско лице за потенцијални несакани настани.

Данијела Билбилоска