Нема решение за трговскиот спор меѓу Скопје и Приштина: Увозот на македонските компири и мед и понатаму забранет – ММС
ММС

Објавено на: 08/20/19 5:31 PM

Нема решение за трговскиот спор меѓу Скопје и Приштина: Увозот на македонските компири и мед и понатаму забранет

Остануваат забраните за извоз на македонските компири и мед и косовските икри и млада риба. Министерот за економија, Крешник Бектеши и косовскиот министер за трговија, Ендрит Шаља на денешната средба не успеаја да го надминат трговскиот спор.

Приштина планира да ја укине мерката за увоз на мед и компири од нашата земја, само ако ние ја укинеме забраната за косовската риба. За тоа да се случи, прво потребно е косовската Агенција за храна и ветеринарство до нашата Агенција да испрати анализа на соодветната програма за следење на производите од икра и материјал за порибување од Косово.

Мерката не е преземена само за Косово, туку е мерка преземена за сите земји што не спроведуваат активен и пасивен мониторинг во врска со рибните производи – вели министерот Бектеши.

„Јас утре писмено ќе го известам министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрид Шаља, дека во моментот кога тие ќе ги достават тие документи, ние ќе им дозволиме да увезуваат икра и подмладок во Северна Македонија. Очекувам откако ќе го добијат писмото тие да ги укинат бариерите за компир и за мед“, додава тој.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов истакнува дека неопходно е да се верификува дали Косово соодветно испитува можност за појава на болести кај рибните производи:

„Откако ќе добиеме такво уверение дека ги запазуваат сите процедури тогаш ќе биде отстранета бариерата за увоз во Северна Македонија.

Мерката со која се забранува увоз на македонските компири и мед, министерот Шаља ја донесе минатиот петок. Оценки и апели за надминување на несогалсувањата упатија и стопанските комори. Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески оцени дека одлуката за забрана за увоз на мед и компири е во најмала мерка популистичка, неразумна и е донесена во погрешно време.

„Имено, забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг, бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на овие производи и е согласно и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде Република Северна Македонија е членка од 2003 година“, укажа Азески.

Официјалните податоци покажуваат дека извозот на мед во Косово во 2018 година е во вредност од 464.199 долари, додека во првите пет месеци од годинава е во вредност од 212.227 долари. Од земјава во Косово годишно се извезуваат од 40 до 1.000 тони компири.