Спасени двајца мотоциклисти кои вчера се изгубија на Шар Планина. Покрај што залутале, им се случил и дефект, а дополнително на едниот му се влошила здравствената состојба.
Полицијата вчера спасила двајца браќа од Скопје на возраст од 31 и 25 години кои заталкале на Шар Планина. Тие со мотоцикли околу 14 часот се упатиле кон Титов врв и планирале да стигнат во Стрезимир, по што се изгубиле, а им се случил и дефект. На повозрасниот брат му се влошила и здравствената состојба, па неопходна му била лекарска помош
– Веднаш по пријавувањето, кое било вечерта околу 21 часот и 15 минути, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Маздрача и од Секторот за внатрешни работи Тетово, поделени во неколку групи, започнале со пребарување на теренот, а околу 1 часот тие биле пронајдени на потегот помеѓу Титов врв и Враца рид, над Боговиско Eзеро, по што за кусо време биле пренесени во тетовската клиничка болница за укажување на лекарска помош, а потоа заминале во своите домови, информира потрпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
На важноста на пријавувањето во полицијата на турите во планина надлежните постојано потсетуваат, сето тоа со цел да се знае денот, местото и дестинацијата на одвивање на турите, за побрзо да се реагира во вакви случаи.
Данијела Билбилоска