Од денеска ординациите по општа медицина стануваат ординации по семејна медицина – ММС
ММС

Објавено на: 08/20/19 12:25 PM

Од денеска ординациите по општа медицина стануваат ординации по семејна медицина

Специјалистите по семејна медицина од денеска можат да почнат постапка за трансформација на своите ординации по општа медицина во ординации по семејна медицина. Со ова се финализираше процедурата почната во февруари годинава, презентирана од министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на првиот Национален форум за здравство. Ова решение е дел од мерките за унапредување на примарната здравствена заштита, изготвени врз основа на анализите и препораките на Светската здравствена организација и во координација со стручните здруженија.

– Специјалистите по семејна медицина ќе може да нудат поголем број услуги од матичен лекар. Ова е само еден дел од унапредувањето на квалитетот на услугите во примарната здравствена заштита. На овој начин граѓаните ќе можат здравствената заштита да ја добијат поблиску до местото на живеење – информираше министерот за здравство Филипче.

Оваа мерка е поздравена и од Здружението на лекари по општа и семејна медицина, бидејќи на овој начин, примарната здравствена заштита во која работи специјализиран кадар може да придонесе за значителни здравствени заштеди.