На десетици портали и на социјалните мрежи беше објавена провокативна вест со иста фотографија и речиси идентичен наслов во кој меѓу другото пишува дека „Грците ликуваат“, „Ова е понижување“, како коментар за сликата на која, наводно, девојка од Грција е облечена во маичка со која се мајтапи со бришењето на Сонцето (Ѕвездата) од Вергина (Кутлеш), објавува „360 Степени“.
Личноста која ја објавила фотографијата, според тоа што го пишува или го проследува на своите профили на Фејсбук и на Твитер е грчки шовинист. Таа е речиси и непозната, со оглед дека има многу мал број следбеници, меѓу кои најголем дел се со слична определба, а има и неколкумина кои се од спротивниот табор, тврди македонски националисти.
Сепак, од непознати причини, македонските портали, од кои речиси сите водеа жестока кампања против референдумот и Преспанскиот договор, ја презеле нејзината провокација и го направиле вирален нејзиниот статус.
И покрај тоа што целта која требало да се постигне со давање релевантност на анонимци е нејасна, зачудува и фактот дека никој не ја ни проверил фотографијата, која со само еден клик и пребарување се покажува дека е фотомонтажа, односно не е реална.
Имено, станува збор за модел, дизајн на обична маичка, на која може да се стави каков било текст или слика. При пребарување, таа се појавува во десетици облици, со истата личност (не е гркинката) и со различни натписи на предниот дел.
Она што е впечатливо е дека измислената вест, денеска прераснува во вест во низа, бидејќи истите портали, го објавуваат „македонскиот одговор“.
Извор:360 Степени