Дебарца ја доби првата битка во борбата против изградбата на регионална депонија – ММС
ММС

Објавено на: 08/17/19 9:48 AM

Дебарца ја доби првата битка во борбата против изградбата на регионална депонија

Добиена првата битка во активностите што ги спроведува општината Дебарца против плановите за изградба на регионалната депонија за цврст отпад во атарот на селото Годивје.

Градоначалникот на општина Дебарца, Зоран Ногачески, информира дека е добиено  позитивно решение по жалбата што општината ја поднесе против начинот на кој била донесена Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за оспоруваната локација кај Годивје.

Ногачески во име на општината го оспорил проектот за „Воспоставување на систем за интегрирано управување со отпад вo Југозападниот плански регион”, во кој токму атарот на селото Годивје беше посочен како локација на регионалната постројка за третман на цврст отпад.

Тој испратил жалбено барање до Државната комисија за одлучување во управна постапка, во кое посочува оти Студијата за оцена на влијанието врз животната средина и другата потребна документација од страна на ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање се донесени во нетранспарентна постапка, без да се земат во предвид мислењета на засегнатите страни и со непочитување на одредбите на Законот за животната средина.

Комисијата за одлучување во управна постапка го уважило жалбеното писмо, донела одлука за поништување на решението на МЖСПП и предметот го враќа на повторно разгледување.