Велес: Дрво паднало на фудбалско игралиште додека тренирале фудбалерите на клубот Превалец. – ММС
ММС

Објавено на: 08/15/19 5:03 PM

Велес: Дрво паднало на фудбалско игралиште додека тренирале фудбалерите на клубот Превалец.

Го турна распуканото стебло на канадска топола на фудбалското игралиште во населбата Превалец силниот ветер што синоќа го зафати Велес. Стеблото високо дваесеттина метри, околу 19.30 часот, паднало на делот на игралиштето на кое петнаесет минути претходно тренирале фудбалерите на ФК „Превалец“ и за среќа во моментот на случката се наоѓале на друг дел на теренот. Нема повредени фудбалери но глетката беше стравична, вели тренерот Диме Маневски. За случката тие информирале во Општина Велес од каде денеска на лице место излегла инспекторката за заштита на животна средина Билјана Шуркова Манаскова откако претходно општинската комисија за постапување со оштетени дрвја направила увид и ја обележала тополата за сечење.

– Бидејќи е останат голем дел од стеблото на распуканото и паднато дрво како и за уште други две стебла веќе е издадено решение за сечење на ЈКП Дервен. Постапката е итна и треба да заврши до 25 август, рече инспекторката.

Според Шуркова Манаскова освен паднатата ќе треба да се исечат уште две други стебла на канадска топола околу фудбалското игралиште додека на шест ќе им се кастрат гранките.

– За другите дрвја, за кои во првиот момент е одлучено само да им се искастрат гранките, ќе се обратиме до шумското стопанство Бабуна како покомпетентни за вакви високи дрвја да ни дадат и нивно мислење. Доколку биде донесена одлука да се исечат, ќе биде постапено, додаде инспекторката.

Општинската инспекторка апелира до велешани во услови на јак ветер или дожд, поточно невреме, да не стојат или да не ги паркираат своите автомобили под дрвја и дрвореди. Особено тоа да не го прават под крошните на неколку децениски стари дрвја.

Убавка Јаневска