Од 21 до 28 август ќе се одржи 10 -то јубилејно издание на „МакеДокс“ – ММС
ММС

Објавено на: 08/14/19 1:09 PM

Од 21 до 28 август ќе се одржи 10 -то јубилејно издание на „МакеДокс“

Десет македонски документарни филмови ќе бидат прикажани како дел од програмата на јубилејното 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, беше потенцирано на денешната прес-конференција, која се одржа во МКЦ-Клуб и ресторан. Филмската програма на 10. „МакеДокс“ ќе содржи вкупно 70 документарни остварувања на автори од целиот свет, а ќе бидат одржани и повеќе други програмски активности од 21 до 28 август. Се очекува на фестивалот да присуствуваат 100-тина гости.

Во делот на македонски документарци ќе бидат прикажани „Тетовски самрак“, последниот филм на прерано починатата режисерка Билјана Гарванлиева (1973-2016), кој го доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер. Проекција ќе има и документарецот „Манаки – приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски, кој направи приказ на фотографските дела на првите балкански сниматели – Јанаки и Милтон Манаки.

Премиерно ќе бидат прикажани четири нови кратки документарци од школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“ во рамките на Младинската програма. Ќе се одржи светската премиера и на „Спасение“ во режија на Никола Ивановски во рамките на Студентската програма. Во програмата на кратки документарци своја премиера ќе има „Господата од Современа“ на режисерката Ана Алексовска. По неодамнешната премиера, фестивалската публика ќе има можност да ја проследи и проекцијата на „По патот на клавето“ во режија на Лидија Мојсовска, филм кој произлезе од соработката на „МакеДокс“ со танчерите од Далас Блек Денс Театар.

Круна на македонската програма ќе биде премиерната проекција за публика на документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. По светската премиера во јануари 2019 година, на 38. Фестивал на независни филмови „Санденс“ филмот ги освои трите главни награди, а со фантастичен успех е прикажан и на повеќе светски фестивали. Публиката со нетрпение го очекува во македонските кино-сали, а честа прв да го прикаже ја има фестивалот „МакеДокс“. Филмот ќе биде прикажан на затварањето на фестивалот, ќе има две проекции на 28 август, а по проекцијата во Куршумли-ан ќе следува концерт на групата „Фолтин“.

Филм за отворање на фестивалот е „И сѐ стана песна“ (Ирска, Велика Британија/ 2019/ 92 мин.) на режисерот Шејмус Марфи. Станува збор за автентично интимно патување низ инспирацијата, пишувањето и снимањето на албумот „The Hope Six“ на познатата музичарка Пи Џеј Харви. По филмот ќе се одржи концерт на Џон Периш и Марта Колика со Џорџа Поли, како специјална гостинка.

Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“. За фестивалските награди „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи ќе одлучуваат пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори.

Земја во фокус е Германија, а работите судбински се наредија десетото издание на „МакеДокс“ да се совпадне со стогодишнината од основањето на „Баухаус“ и 30-годишнината од рушењето на Берлинскиот ѕид. Во програмата ќе бидат прикажани осум германски креативни документарци создадени во последниве 20 години.

Главна тема на фестивалот е копродукцијата, како алатка за создавање културни врски меѓу државите и градење мостови на соработка меѓу уметниците. На темата копродукција од 25 до 27 август во МКЦ ќе се одржи форумот „MakeCoProDox“, на кој ќе учествуваат претставници на филмските фондови и агенции од регионот и скандинавските земји, како и 20-тина проекти на автори од Западен Балкан, а вниманието ќе биде фокусирано кон нужните промени во создавањето на документарните копродукции во регионот. Форумот е поддржан од Канцеларијата на Креативна Европа – Медиа Деск МК во Скопје и Агенцијата за филм на Р.С. Македонија.

Работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар, исто така, ќе биде фокусирана на филмската копродукција, а заедно со учесниците ќе се трага по идеи кои би биле прикажани на потенцијалните копродукциски партнери. Работилницата ќе се одржи од 22 до 24 август во Даут Пашин Амам.

Мастер-клас со наслов „Не следете ги моите правила. Направете си свои“ на 24 август во Даут Пашин Амам ќе одржи еден од најзначајните европски и светски документаристи – Виктор Косаковски. Тој ќе зборува за своите принципи при создавањето на филмските дела не само како режисер, туку и како сценарист, снимател и монтажер. Како блескав пример на неговата работа ден претходно во кино „Милениум“ ќе биде прикажан документарецот „Акварела“ (2018), чиј стожерен лик е семоќниот сопатник на Земјата – водата.

За време на фестивалот ќе бидат отворени две фотоизложби: „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“ во Чифте амам и „МакеДокс временска машина“ во Куршумли-ан. Како дел од музичката програма на 26 август концерт ќе одржи Тони Китановски Трио.

Благодарение на НЕД за време на фестивалот ќе се одржи и средба на дел од наставниците кои користат документарни филмови во наставата со цел од прва рака да се добијат информации за темите и содржините кои „МакеДокс“ би ги вклучил во новиот сет филмови и прирачник за средните училишта.

Годинава фестивалскиот јубилеј значи четврти роденден на Студентската програма, а за прв пат, благодарение на Current Time TV, ќе биде доделена парична награда за најдобриот студентски филм. Детската програма на „МакеДокс“ годинава се реализира во соработка со најзначајниот фестивал на документарни и анимирани филмови во Германија – Док Лајпциг. „МакеДокс“ оствари соработки и со фестивали на документарни филмови во Франција, Исланд и Грузија.

На прес-конференцијата се обратија Петра Селишкар, Петрула Вељановска и Дарко Набаков, селектори на фестивалската програма.

Јубилејното издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Креативна Европа – МЕДИА, Националната фондација за демократија од Вашингтон (НЕД), Институт „Јунус Емре“, Музеј на РСМ, Археолошки музеј на РСМ, Национална галерија, МНТ, Гете-институт, Француски институт во Скопје, Амбасада на Швајцарија во Северна Македонија, Италијанска амбасада во Скопје, Амбасада на Република Чешка во Скопје, Чешки центар Софија, Град Скопје, Амбасада на Република Словенија Скопје, Current Time TV.

Медиумски покровители на фестивалот се Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, Сакам да кажам.мк, МКД.мк, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Антена5, Канал 103, Радио ЏезФМ, Радио Бубамара, Лајф Радио, Види Вака, Гледај.мк и PopUp.

  1. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 21 до 28 август во Куршумли-ан и МКЦ во Скопје. Проекции на филмови ќе има и во „Кино Милениум“ и „Фросина“. Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, МКЦ и Кинотека на РСМ.
  2. Билетите можат да се набават онлајн на „Купи карти за сѐ“ и на влезот на Куршумли-ан. Публиката има можност однапред да набави Фестивалски билет, кој ги опфаќа сите филмски проекции и настани на фестивалот, по цена од 1.600 денари.