Европските пристаништа итно да ги примат бродовите со мигранти – бара УНХЦР – ММС
ММС

Објавено на: 08/14/19 10:40 AM

Европските пристаништа итно да ги примат бродовите со мигранти – бара УНХЦР

Агенцијата за бегалци при ОН (УНХЦР) денеска ги повика европските влади итно да дозволат влез за повеќе од 500 лица, спасени на Медитеранот, чии спасувачки бродови останаа блокирани на море поради одбивањето на европските земји да ги прифатат во некое од своите пристаништа. Специјалниот пратеник на УНХЦР Винсент Кошетел изјави дека ова е „трка со времето“, појаснувајќи дека доаѓаат бури и временските услови само ќе се влошуваат.

УНХЦР тврди дека речиси 600 луѓе загинале или исчезнале во водите меѓу Италија и Либија оваа година.

Повеќе од 500 спасени мигранти на Медитеранот се наоѓаат на два брода на невладини организации, додека Италија и Малта и натаму одбиваат да ги примат во некое свое пристаниште. Француската хуманитарна група „Лекари без граници“ во неделата соопшти дека го довршила „критичното спасување“ на уште 105 луѓе, со што бројот на мигранти на бродот Оушн Викинг се искачи на 356. Уште 150 мигранти се на бродот на шпанската хуманитарна група Проактива Опен Армс.

Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини денеска повтори дека не планира да овозможи на бродовите со мигранти да влезат во италијанските пристаништа. И Шпанија денеска го одби барањето да прими 31 малолетен мигрант од бродот Опен Арамс.