Чифлиганец се заземал за Камчев потврди Лиле Стефанова – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/19 1:48 PM

Чифлиганец се заземал за Камчев потврди Лиле Стефанова

Чифлиганец се заземал за Камчев, oва го потврди специјалната обвинителка Лиле Стефанова, во кратката изјава по излегувањето од Обвинителството, каде се води истрага за случајот „Рекет“.

На барањето да го коментира фактот дека преку соопштение бизнисменот и нејзин пријател Ванчо Чифлиганец неа ја демантираше, негирајќи дека преку него осомничените Цветан Панделески и Орце Камчев вршеле влијание за запирање на „Империја“ таа рече:

„Никој мене не ме демантирал“.

„Чифлиганец мене не ме демантирал“, одговори и си замина оставајќи ги новинарите со бројни неодговорени прашања.

Претходно во писмената изјава, Стефанова даде детали од истрагата, споменувајќи го и обидот за влијание од бизнисменот Чифлиганец:

Во месец август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обидоа да извршат влијание врз предистрагата која во тој период беше насочена против нив и други лица, користејќи го моето познанство со господинот Ванчо Чифлиганец. За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата која се одржа во просториите на Специјалното јавно обвинителство, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев.

На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме било што во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски – напиша Стефанова во писмената изјава.