Локалната власт во Штип врши скандалозно претставување на анкета платена со народни пари!!! –обвини денеска првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Штип, Иван Јорданов.
Во текст објавен на неговиот ФБ профил Иванов ја кометира анкетата која вчера ја објави општината.
,,Во текот вчерашниот ден од Општина Штип и градоначалникот се пофалија со некакви бројки за тоа како работеле, а сето тоа се базира врз анкета спроведена од агенцијата Рејтинг. Дека станува збор за чиста партиска анкета која е спроведена со народни пари потврдува и фактот што агенцијата Рејтинг е во сопственоат на Никола Спасов кој е син на Ѓорѓи Спасов, поранешен висок функционер на СДС. За креирање на ова лажно мислење општината на партиската агнеција Рејтинг и има исплатено 270 800 денари или сума од над 4000 евра. Овие суми јасно се гледаат од договорот кој е потпишан од страна на градоначалникот на Општина Штип и сопатвеникот на агенцијата Рејтинг. Оваа јавна набавка претставува само уште еден доказ за злоупотребата на општинската каса за непродуктивни трошења. Злоупотребата на Општина Штип за партиски цели претставува скандал без преседан и за тоа одговорност мора да има. Наместо вештачки креирани анкети, граѓаните на Штип очекуваат нови проекти кои очигледно ги нема. Господа од власта, ниту една наместена партиска анкета нема да го покрие вашето неработење. Затоа, престанете со лажните бројки и зафатете се за работа во ова малку време што ви преостанува, напиша Јорданов.
Граѓаните имаат право да знаат за тоа во која насока се движат општествените текови кои го одредуваат нивното секојдневие, реагираа на објавата на Јорданов од општината.
,,Дополнително, граѓаните имаат право на ефективна локална самоуправа која ќе им биде на располагање и ќе реализира проекти во нивна полза. Од тие причини, потребно е локалната самоуправа континуирано да го негува слухот за потребите и расположението на граѓаните кон конкретни случувања.
Тоа се постигнува преку редовно мерење на нивното задоволство од услугите кои ги добиваат и проектите кои локалната самоуправа ги спроведува. Вакви информации се особено корисни и податливи во секојдневното работење на локалната самоуправа, независно од тоа дали има избори или не.
Последната анкета покажува големо задоволство кај штипјани од работењето на локалната самоуправа. Имено, резултатите покажуваат дека огромен процент од граѓаните даваат голема поддршка за проектите на кои работи оваа локална власт, односно 88% од штипјани даваат поддршка за изградба на брана на реката Отиња, 94% даваат поддршка за гасификација на општината, а 95% даваат поддршка за изградбата на градинката во населба Сењак.
Наспроти неоснованите обвинувања, факт е дека оваа анкета не е партиска, туку е показател за успешните локални политики во Штип. Резултатите од анкетата нè охрабруваат и ни покажуваат дека сме на вистинскиот пат“,се вели во реакцијата од општината.