Пожар покрај патот Куманово – Крива Паланка – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/19 11:26 AM

Пожар покрај патот Куманово – Крива Паланка

Сува трева и нискостеблеста шума гори покрај патот Куманово – Крива Паланка во близина на селото Страцин.

Според фотографии направени од слушател на Радио мрежа Канал77, густ чад се забележува покрај регионалниот пат.

Според раководителот на Регионалниот центар за управување со кризи, Горан Стојановски, засега немаат информација за пожар во атарот на селото Страцин. Но, по телефонскиот разговор со нашата редакција најави дека ќе ги алармира надлежните противпожарни екипи од Куманово и Старо Нагоричане, а ќе ги извести и двете локални самоуправи.

Посочи дека од левата страна покрај патот во селото Страцин пожар имало и минатата година.

Инаку екстремно високите температури кои ја зафатија земјава во комбинација со човечкиот фактор предизвикаа низа пожари во кумановскиот крај.

Само последната недела изгоре куќа на 81-годишен жител на селото Кучкарево, завчера изгореа подрумски простории во населбата Перо Чичо, а до рано утринава 30 пожарникари го гаснеа големиот пожар во близина на Железничката станица каде гореа стари прагови од пругата.

Чести се и пожарите на отворено каде најчесто гори сува трева и нискостеблеста вегетација.