Доцна утринава изгаснат пожарот кај Железничката станица во Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/19 7:56 AM

Доцна утринава изгаснат пожарот кај Железничката станица во Куманово

Големиот пожар на Железничката станица во Куманово доцна утринава околу 03:45 часот е целосно изгаснат по неколку часовна борба на 30 пожарникари.

Како што појаснуваат утринава од Центарот за управување со кризи, пожарот вчера избувна околу 16:55 часот на потегот меѓу населбата Железничка станица и село Черкезе, каде стари дрвени прагови од железничката пруга биле извадени покрај истата и нареди во должина од 50 и височина од 10 сантиметри.

Поради фактот дека истите претходно биле хемиски обработени со битумен низ градот се ширеше густ црн чад и неподнослива миризба.

По тричасовна борба пожарникарите првин успеале да го стават под контрола пожарот и да спречат негово ширење на околните објекти.

Целосно е изгаснат рано утринава во 03:45 часот, во интервенцијата во која учествувале 10 противпожарни возила, 30 пожарникари, а на помош доцна во ноќта пристигнале и вработени од Железничка станица Скопје со цистерни вода.

Причините за избувнување на пожарот засега не се познати, но граѓаните на социјалните мрежи се сомневаат дека станува збор за човечки фактор.