Актуелната состојба со африканската свинска чума во регионот, ќе биде една од темите на денешниот состанок на Ловечката федерација во Велес, на кој ќе учествува и директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.
На состанокот ќе бидат презентирани и мерките за намалување на популацијата диви свињи во земјава како една од превентивните мерки за сведување на минимум на опасноста од евентуално пренесување на вирусот на африканска свинка чума кај нас.
Овој вирус веќе се појави во Србија, поради што надлежните забранија увоз на свинско месо од оваа земја.
Решението за отстрел на дивите свињи како превентивна мерка е донесено минатиот месец, но како што вели Атанасов, отстрелот се’ уште не е почнат.
„Отстрел досега не е вршен. Беше издадена наредба за забрана за движење низ шумите поради пожари и поради таа причина ловџиите не излегоа. При отстрелот треба да е присутен и ветеринарен инспектор кој би земал мостри од свињите“.
Како што најавува АХВ, ќе се обрне внимание и на биосигурносните мерки кои треба да ги преземат ловџиите при отстрелот и манипулацијата со застреланите или угинатите свињи на ловиштата.


