Поради топлотниот бран што ја зафати земјата со многу високи температури од портокалова фаза, бројот на повици кон службата за Итна медицинска помош (ИМП) во изминатиот викенд е зголемен, како за интервецнии така и за совети. Во неделата екипите на ИМП имале околу 80-тина интервенции, а во саботата 76 интервенции.
Како што информира за МИА др. Весна Неделкоска, шеф на смена во ИМП, покрај тоа што се јавуваат на бројот 15123, пациенти се јавуваат и на 194 за совети во врска со нивната здравстевна состојба.
– Најчесто се јавуваат хронично болните како и во колкава мера да ја кориостат својата терапија. Главно тоа се срцево болни со кардио-васкуларни заболувања, хипертензии, мозочни удари, вели др. Неделкоска.
Во врска со акутните проблеми предизвикани од топлото време во ИМП е регистриран зголемен број колапси на јавно место
– Бележиме зголемен број на колапси на јавно место околу десетина за едно деноноќие. Се бележат и зголемен број сообраќајни нерсеќи, што може да биде и последица на влијанието на високите темепратури врз способноста на возачите, вели др. Неделкоска.
Препораките за справување со горештините остануваат исти. Особено, нагласуваат од ИМП, треба да се придржуваат на препораките на Министерството за здравство, за топло време и топлотни бранови и луѓето што се хронично болни, а не се во групата лица на возраст над 60 години.
Заради превенирање на последиците од топлотните бранови Министерството за здравство донесе препораки да се ослободат од работните обврски најранливите групи население, како што се: бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, сите правни субјекти кои вршат активности на отворено во посочениот период да ги запрат активностите, што особено се однесува на градежните работници.
Во текот на екстремно топли денови се препорачува да се остане подолго време во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор, да се прават почести одмори под сенка, да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на Сонце да носат заштитни очила и капа, при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор, да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, како и помало количество храна, главно овошје и зеленчук, да се избегнуваат алкохолни пијалаци, при влегување во возило тоа одреден период да се проветри, а хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.