Земјоделци од истокот се жалат дека поради одредени законски недоследности биле принудувани да плаѓаат надоместок на локални партиски функционери за закуп на земјоделско земјиште.
Земјодлците кои имале долгорочни договори и за време на владеењето на претходната власт, а потоа и со преземање на власта на СДСМ исплаќале одреден процент од сумата за користење на земјиштето но сето тоа одело по нелегален пат. Наместо парите за концесија за користење на земјиштето да ја полнат државната каса, тие завршувале во џебовите на локалните претставници на партиите. Двете страни го користеле законскиот вакум, на заедничко задоволство. Земјоделците плаќале помалку од што требало, пари кои завршувале во џеботите на поединци, додека партиските моќници располагале со црни фондови – малку за партијата малку за себе.
Проблемот настанал со промената на власта, кога новите се обиделе преку суд да ги наплатат заостанатите концесии, но тогаш ја разбрале шемата на претходници, по што едноставно ја примениле, секако за своја корист. Но, во оваа прилика се побуниле некои од градоначалниците, во чија општинска каса завршува 60 отсто од износот за користење на земјиштето.
Локалната кавга, наводно стигнала до поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски кој бил запознаен со ситуацијата. Но,тоа не довело до решавање на проблемот со кој се соочуваат земјоделците кои користат државно земјоделско земјиште, а плаќаат одредена сума која не им гарантира дека земјиштето нема да им биде одземено за користење.
Новиот министер за земјоделство, шумарство и водостпанство, Трајан Димковски, вели дека не е запознаен со оваа ситуација, но дека истата не смее да се случува и ги охрабрува земјоделците засегнати во оваа ситауција сами да пријават бидејќи тоа е надвор од законските рамки.
„Се знае само кој може да издава државно земјоделско земјиште по договор, тоа е министерството, со јавни огласи, потпишување на договори и воведување на крај во владението. Но доколку сепак, ова би сакал да појаснам, доколку се работи за одредени површини во кои што се потпишани договори, а не се воведени во владението од претходната власт со последниот закон за земјоделско земјиште се дава таква можност, бидејќи тој закон се уште не е објавен во службен весник, но ние затоа ќе излеземе со конкретни активности и информации до земјоделците, за да можат да си ги воведат во владение, се работи за случаи, некаде околку 200 договори се вкупно на територија на цела Македонија, каде што претходната власт ги има договорите потпишани, по спроведување на јавниот оглас , но ги немаaт воведено во владение, што значи луѓево со потпишани договори не им се дадени во владение. И се разбира после одреден период со не исполнување, мислам дека беше шест месеци доколку нe се внесе во владение, не може да се продолжи понатаму“, вели Димковски.
Тој вели дека со надополнување на законот за земјоделско земјиште на земјоделците ќе им се даде во владение, но лошто е што овие земјоделци во моментов не можат да ги користат придобивките од државата, односно не можат да користат субвенции , при што се прави загуба, а со тоа не се врши наплата на концесијата на државното земјоделско земјиште.
„Мене ме плаши да не е ова нешто со што се манипулираат нашите земјоделци, се со цел некој да си се претстави во некакво светло, за да изнуди дали се тоа одредени пари, дали рекет како и да го крстиме ама тоа е веќе ирелевантно но тоа не смее да се случува, јас уште еднаш ќе ги повикам сите кои што имале ваков случај да го пријават, дали кај нас кај Министерството, дали во надлежните институции. И ги охрабрувам земјоделците вакви работи да не толерираат, затоа што ова не смее да ви се случува ни до сега натаму, ниту од сега. Земјоделците претпоставувам во оној страв кој што може да настапи од позиција на некаква си сила се принудени да вршат одредени такви исплати, но велам тоа е против законски и сите такви случаи нека се пријават кај нас и институциите за да ставиме крај на сите овие злоупотреби“, додава ресорниотминистер.
Прашањето останува отворено што со таа земја и пари во тој вакум простор во кој земјоделците веќе склучиле договори од три години, користеле државно земјиште, но не исплаќале цела сума на државата а дел од сумата што ја плаќале завршувала во џеб на место во локалната каса.