Таравари бара ургентна помош од државата за гаснење на пожарот во Русино – ММС
ММС

Објавено на: 08/11/19 9:35 AM

Таравари бара ургентна помош од државата за гаснење на пожарот во Русино

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари доцна синоќа преку Фејсбук побара помош од државните институции во гаснењето на пожарот во регионалната депонија Русино, за кој МИА информираше уште вчера изутрина.

Тој упати апел за спречување на поголеми последици, откако пожарникарите и екипите на комуналното претпријатие и по 24 часа не успеа да се справат со огнот и чадот кој се рашири до градот.

Таравари во неговото обраќање состојбата ја оценува како драматична, а одговорноста ја префрла до владините институции и како што пишува, нивната индиферентност.

За критичната состојба на депонијата ги известивме сите институции: Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Владата, но наидовме на глуви уши. Иако регионалните депонии повеќе од една година се под надлежност на Владата, немаме добиено никаква помош од нивна страна. Досега добивме само еден телефонски повик од Генералниот секретар на Владата без никаква конкретна акција, напиша Таравари на неговиот Фејсбук профил.
Гостиварскиот градоначалник наведува дека локалната власт, јавните претпријатија, приватни компании, пожарникарите од Гостивар и Тетово се обидуваат да ја стават ситуацијата под контрола.

Градежни машини и пожарникари се обидуваа до пред полноќ да локализираат огнот на простор од два хектари, но пламен се појавуваше на други локации на депонијата.

Заради тоа, Таравари бара ургентна помош од државата, а одговорноста за поголемите последици ја насочи кон централната власт.

Дојдете во Гостивар сега, во спротивно состојбата може да биде подраматична, за која ќе имате уште поголема одговорност. Ако продолжи оваа состојба, ќе бидеме сигурни дека овој пожар не се случи поради занемарувањето на Владата, туку намерно оваа Влада сака Гостивар да гори и нашите деца да се трујат, стои во обраќањето на Таравари до централните власти.
Како што информираше МИА, вчера утро на регионалната депонија Русино се појави оган, а набрзо и густ чад, по што граѓаните реагираа на непријатната миризба. Од јавното комунално претпријатие соопштија дека по пријавата, обидот за гаснење на огнот бил оневозможен заради градежни работи и асфалтирање на патот што води до депонијата.

Вчера попладне, гостиварската противпожарна единица со три возила и едно од припомош од Тетово се обидуваа да ја стават огнената стихија под контрола, но до доцна вечерата немаше информации каква е состојбата на терен.

Жителите од селата и населбите кои се наоѓаат во близина на депонијата Русино реагираат на непријатната миризба и алармираат на загаденост. Околу полноќ чадот и мирисот на изгорено интензивно се проширија и на пошироката територија на градот и предизвикаа вознемиреност кај граѓаните заради страв од енормно загадување на воздухот.