Доктор Владимир Чадиковски го официјализира својот отказ во Жан Mитрев Клиник, откако денеска потпишал спогодбен отказ. Со него заминаа и двајцата анестезиолози, кои заедно преминаа од државната Детска клиника во детската кардиохирургија во приватната болница на Жан Митрев. Чадиковски си замина од приватната болница шест месеци откако како единствен лиценциран детски кардиохирург работеше во Жан Митрев клиник, која пак од тогаш операциите на деца ги изведуваше на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). За тие шест месеци, Чадиковски соопшти дека направил само осум операции.
Чадиковски таму дојде со цел тим од Детската клиника – четворица други доктори педијатри, двајца анестезиолози и три сестри.
Лекарската комора потврди дека Чадиковски е единствениот кој има лиценца за детска кардиохирургија, но, од Министерството за здравство и од Клиниката на Жан Митрев тврдеа дека операциите ќе продолжат да се изведуваат и по неговото заминување. Чадиковски соопшти дека замина поради ненадминливи несогласувања со менаџментот околу обврските кои требало да бидат исполнети во оваа клиника.
По ова, остана да лебди прашањето за тоа каков договор склучил ФЗО со клиниката. Порталот Нова објави дека немало догвор за јавно приватно партнерство, како што се тврдеше од двете страни во јавноста. ТВ Телма соопшти дека најверојатно се работи за договор за проширување на дејност, а не за јавно-приватно партнерство, а токму ваквиот тип на договор, не ги обврзува лекарите да останат да работат во Клиниката. Операциите се легални и без домашен лиценциран лекар, се` додека на нив присуствува лекар од странство. Од Жан Митрев Клиник соопштија дека со нив работи и ардиохируг од Србија.
Министерот Филипче, кажа дека децата и понатаму ќе се оперираат на сметка на Фондот без оглед дали заминува тимот предводен од д-р Чадиковски, а детската кардиохирургија останува во Жан Митрев Клиник.
Објавено на: 08/8/19 6:49 PM