Тениската легенда Роџер Федерер денеска го прославува својот 38. роденден, но не со размислувања за повлекување, туку со подготовки за мастерсот во Синсинати следната недела, каде што ќе оди на осма титула.
На возраст на која повеќето тенисери ја имаат завршено својата тениска авантура, Федерер е број 3 на светот со 38-5 скор и три трофеи само во 2019 година.
Во својата 22. сезона како професионалец Федерер има 102 титули и 1.222 победи, со што е на чекор поблиску до Џими Конорс, кој е рекордер со 109 титули и 1.274 победи. Еве уште шест интересни факти за единствениот Фед-Екс.
1.РОЏЕР ФЕДЕРЕР НИКОГАШ НЕ ПРЕДАЛ МЕЧ
Роџер Федерер во својата кариера, во која има одиграно над 1.500 мечеви, ниту еднаш не се повлекол поради повреда откако мечот започнал.
- РЕКОРДИ, ФАКТИ, БРОЈКИ
Федерер има најголем број на Гинисови рекорди во еден спорт, вкупно 29. Покрај тоа, тој има најмногу недели на првото место на АТП-листата (310), најмногу гренд-слем титули (20) и две олимписки медали (злато во двојки со Стен Вавринка и сребро во индивидуална конкуренција).
- КРАВИТЕ ЏУЛИЕТ И ДЕСИРЕ
Кога ја освои својата прва титула од Вимблдон во 2003 година, тој доби на подарок крава од жителите на Гштад. Таа доби име Џулиет, а во 2013 година доби уште една крава, овој пат со име Десире пред стартот на Швајцарскиот опен.
- КВИН, МАЈКЛ ЏЕКСОН И РОКСЕТ
Запрашан каква музика најмногу сака, како човек роден во 1980-тите, тој призна дека ги следел „вообичаените“ артисти – Квин, Мајкл Џексон и Роксет. Меѓутоа, минатата година во интервју тој призна дека во последно време слуша повеќе „диџеј-музика“.
- “ПРОБЛЕМИ” СО БЛИЗНАЦИТЕ
Сите знаат дека тој и неговата сопруга Мирка се горди родители на два пара близнаци. Мајла и Шарлин се родени во 2009, а Лео и Лени во 2014 година. Покрај тоа, тој исто така е и вујко на близнаци, бидејќи неговата сестра Дајана исто така е родител на близнаци.
- ПОШТЕНСКИ МАРКИ И УЛИЦИ
Во 2007 година тој стана првиот жив Швајцарец кој ја имал честа да биде на поштенска марка, откако Свис Пост објави марка од 1 франк. Во 2012, градот Хале, каде што тој редовно се подготвува за Вимблдон, именуваа улица според него „Роџер Федерер алеја“. Во 2016 и швајцарскиот град Бил именуваше улица во негова чест.
Извор: denar.mk