Со панихида и положување цвеќе пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје претпладнево беше оддадена почит кон 10-те загинати бранители од прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година. Почит им оддадоа претставници на Владата, Министерството за одбрана, од Кабинетот на Претседателот, Собранието, општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичката партија ВМРО ДПМНЕ и поголем број здруженија на бранителите како и граѓански организации.
-Тој ден тргнавме од Прилеп да го браниме Тетово, но не стигнавме. Секоја година по 18-ти пат го поставуваме барањето за споменик. Дали личи и дали тие луѓе заслужиле почит да им се даде на споменик. Секојдневно преживеаните умираат, од 118 луѓе секој ден умира некој од негрижа, изјави Ацо Јовановски-Реган, кој бил дел од резервните припадници на Армијата во конвојот од Прилеп.
-И по 18 години ништо, ветувања и ништо. Зарем овие 10 не заслужија спомен обележје што го дадоа својот живот за Македонија. Односот на власта е ист како и претходната, нема апсолутно никаква разлика. Го повикувам премиерот Зоран Заев, бидејќи пред 7 години кога беше потпретседател на СДСМ, потпишавме меморандум за соработка во кој тој се обврза дека ако дојде на власт 90 отсто ќе бидат исполнети барањата на учесниците во 2001. За жал заборави и сакам да го потсетам, да оствариме средба и да се решат проблемите. Половина од учесниците мизерно го завршија својот живот, без работа и здравствено осигурување. Ние како да бевме погрешната страна, иако бранејќи ја државата немаме никакви права, изјави Јордан Трајковски од здружението на резервни воени обврзници од Прилеп.
Националниот координатор за воено-полициски ветерани Стојанче Ангелов кој положи цвеќе пред спомен плочата за новинарите одговори на прашањето за поставување споменик.
– Спомен плоча со години наназад и не беше скршена се додека во јавноста во една емисија не беше спомената и беше отстранета. Треба да се разгледа каква е внатрешноста состојба во државата и очекувам да продолжи да плива во мирни води затоа што влезот во НАТО кој што е извесен и е само прашање на ден кога ќе се случи верувам дека ќе се одрази позитивно и врз меѓуетничките односи и во таков случај може да разговараме за соодветно споменик на ова место, рече Ангелов.
Претставникот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски изјави дека овие луѓе се бореа за унитарна Македонија и треба да се продолжи нивниот аманет.
-Да изразиме почит кон хероите, кон оние кои ги положија своите животи тука за да ја одбранат Македонија кои ја одбранија територијалната целост и самостојност. Им ја должиме оваа слобода. Најмалце е што може да се поклонуваме и да го чуваме вечно нивниот спомен. Тие се непребол за нивните семејства, рече Николовски.
На 8 август 2001 околу 10 часот конвој на АРМ беше подмолно нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило на Армијата во кое беа 8 војници и двајца офицери, сите од резервниот состав.