Димковски: Лозарите нема да бидат сами – ММС
ММС

Објавено на: 08/7/19 11:11 AM

Димковски: Лозарите нема да бидат сами

Во текот на бербата на грозје лозарите нема да бидат сами, ова денеска им го вети министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Трајан Димковски. Најави целосно следење на откупот на грозје и доследно спроведување на законските прописи. Министерот сепак  не можеше да вети дека производителите на грозје ќе имаат целосно релаксиран гроздобер.

Оцени дека годинава родот на грозје е квалитетен и кажа дека лозарите не треба да стравуваат за откуп, бидејќи визбите биде подготвени да го откупат целото грозје. Барале квалитет и биле спремни да платат за квалитетно грозје.

„Во ова состојба кога зборуваме за објавување на шеќерните единици и одредување  на цената,  тука доаѓаме ние како една можност преку контролите на државниот инспекторат за земјоделство околу следење на објавување на цените и проценката на шеќерните единици. Вагите мора да бидат баждирани.Според анализите што ние ги направивме се очекува можеби 5-7-10 милиони килограми нешто повеќе да се понуди на пазарот. Во разговорите со винариите беше речено дека ќе се направат напори тоа да се откупи. Кога зборуваме за грозје, имаме повеќе сорти, една сорта може да има различни цени во зависност од шеќерните единици и тоа е делот во кој ние ќе продолжиме да соработуваме со лозарите и винариите“ вели Димковски.

Тој како пример дека министерството води континуирана грижа за лозарите ги посочи исплатените пари за заостанат долг кон лозарите, но и денар за секој килограм предаден во визби од минатата реколта.

За министерот Димковски прифатливи се барањата на лозарите во разговорите за одредување на шеќерни единици да се вклучи и науката преку земјоделскиот факултет.

„На прва средба ќе ги повикаме и од земјоделскиот факултет да поразговараме. Отворени сме и спремни да разговараме за сите идеи на лозарите и на некој начин да вклучиме професионална неутралана страна која што би помогнала не само на лозарите и винариите туку на целиот сектор“ додаде Димквоски.

Министерот денеска го посети ХМС “Тиквеш“ како што рече да согледа во каква кондиција се наоѓа и најави дека во наредниот период сите земјоделци ќе имале вода во доволни количини кога им е најпотребна.

Димковски информира дека во тек е подготовката на национална стратегија за земјоделство за период од 2021-2027 година. Нагласи дека таа стратегија ќе треба да ги внесе македонските производи на пазарите во ЕУ и дека треба да се почитува од секоја наредна влада, бидејќи истата била работена од институција, а не од политичка партија.

Ангел Данов