Почнува 45-та Меѓународна ликовна колонија „Куманово“ во Пелинце – ММС
ММС

Објавено на: 08/7/19 8:25 AM

Почнува 45-та Меѓународна ликовна колонија „Куманово“ во Пелинце

Четиринаесет уметници од повеќе земји, годинава ќе учествуваат на 45-та Меѓународна ликовна колонија „Куманово 2019“, која се одржува во Меморијалниот Центар АСНОМ во Пелинце, соопштија, денеска од Националната установа Музеј – Куманово.

Колонијата ја организираат кумановскиот Музеј во соработка со Општина Куманово, финансиски е поддржана од Министерството за култура, градоначалникот и Советот на општината.

-Оваа година во инспиративниот амбиент на Пелинце ќе творат 14 академски ликовни уметници, како од нашата земја, така и од повеќе земји од регионот: Србија, Бугарија, Романија и Босна и Херцеговина: Никола Пијанманов, Мила Трендафиловска, Ивана Настески, Милена Станков, Наѓа Миливојевиќ, Бранко Јевќиќ, Антонија Фингарова, Петар Чучулигов, Саво Рупиќ, Ивана Маркез Филиповиќ, Марија Мицова…Уметниците ќе работат сликарство, со слободна тематика и различни ликовни техники, изјави виш кустос, историчар на уметност од кумановскиот музеј, Драгана Спасковска.

Во текот на седумдневниот престој, уметниците ќе имаат можност да ги посетат културно – историските знаменитости на градот Куманово, како и  Кокино и црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане.

Ликовната колонија „Куманово“ е една од најстарите ликовни колонии во државата. Основана е 1974 година и со овогодинешниот ликовен собир ќе одбележи 45 години од постоењето. Колонијата ќе трае до 14 август, по што делата ќе бидат презентирани на изложба.