Драматичен пад на акциите на Wall Street избриша 2,1 проценти од нето вредноста на заедничкото богатство на 500 најбогати луѓе на планетата, објави агенција Bloomberg.
Дваесет и еден член на листата на милијардери на Bloomberg изгубија по една милијарда долари или повеќе, бидејќи инвеститорите панично реагираа на зголемените тензии помеѓу САД и Кина.
Џеф Безос, основачот на компанијата Amazon, претрпе најголема загуба од дури 3,4 милијарди долари, како резултат на падот на акциите на тој онлајн трговец. Сепак, тој сè уште е на престолот како најбогат човек во светот, со богатство во износ од 110 милијарди долари.
Овие загуби претставуваат ненадеен пресврт за светските супербогаташи, кои до вчера бележеа постојан пораст на вредноста на акциите на нивните компании. Богатството на најбогатите луѓе на планетата се топи во последните неколку недели и на другите светски меридијани.
Богатата елита на Хонг Конг е погодена од деветнеделните протести кои ги блокираат улиците на финансискиот центар во градот, што врши притисок на растот и ги еродира цените на домашните акции.
Нето вредноста на средствата на 10-те најбогати тајкуни, кое своето богатство го добиваат од компаниите кои котираат на берзата на Хонг Конг, падна за 19 милијарди долари од 23 јули.
И покрај вчерашните големи загуби, 500-те најбогати поединци на листата на Bloomberg поседуваат заедно речиси 5,4 илјади милијарди американски долари, што е зголемување од 11 проценти во однос на 1 јануари оваа година.
Извор: denar.mk