Во август ќе бидат укинати квотите во аптеките во регионите на туристичките места во Охрид, Струга, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен. Тоа значи дека за секој лек кој ќе биде издаден на рецепт, рецептот ќе биде реализиран од страна на Фондот. Ова е прв чекор во правец на укинување на квотите во сите аптеки на територијата на цела држава, нешто што премиерот го најави минатата седмица, а ќе се имплементира во септември и октомври.
Ова го најави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во овие региони години наназад имало голем недостаток на лекови.
При крајот на месецот ќе започне и официјална процедура на вклучување на сите аптеки кои сега не се во мрежата. Паралелно ќе се проширува мрежата согласно одлуката на последната седница на Владата, за прием на нови специјалистички ординации од разни специјалности од медицина и стоматологија. Со цел да се излезе во пресрет на оние кои тоа го чекаат.
Запрашан кои се контролните механизми со кои ќе се спречуваат злоупотреби, дали навистина само со лична карта ќе може да се зема лек во аптека, Филипче рече дека станува збор за комплексен механизам кој вклучува и софтверско решение а во суштина значи следење на лекот. Лекот ќе може да го подигне само пациентот за кој е препишан, освен лицата кои се неподвижни, но и за нив има развиен механизам како ќе се издаваат тие лекови.
На прашање имаат ли информации за досегашни евентуални злоупотреби при издавањето на лекови на рецепт, рече дека се прави анализа за тоа во Фондот.