Полицијата со „нула” толеранција за пукањето на свадби – ММС
ММС

Објавено на: 08/5/19 11:31 AM

Полицијата со „нула” толеранција за пукањето на свадби

Секторот за внатрешни работи Тетово најавува засилени контролни и репресивни активности за откривање и законско санкционирање на „пукањата” на прослави и приредувањето огномети без одобрение.

За да се справи со појавата на неконтролирано пукање со огнено оружје или со пиротехнички средства, неовластено приредувајќи огномети, СВР Тетово „сврти друг лист” и најави децидно спроведување на законските одредби против лицата кои „ќе се фатат за оружје”.

– За сите нив, без исклучоци, ќе се применува НУЛА толеранција, односно ќе се соочат со соодветни поднесоци. Паралелно со тоа ќе продолжат и превентивните активности на СВР Тетово – апели и состаноци на граѓанските советодавни групи во месните и урбаните заедници, со цел еднаш засекогаш да ѝ се стави крај на ваквата незаконска појава. Оваа појава освен што претставува нарушување на јавниот ред и мир и предизвикува општа опасност, за жал, летово имаше и инциденти кои резултираа со четири повредени лица, две во Тетово и две во гостиварско Чајле, рече за МИА, Марјан Јосифоски портпаролот на СВР Тетово.

Пукањето од огнено оружје на свечености е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и се казнува со глоба од 200 до 500 евра.

Во случаи со повредување и ранување тоа може да се третира и како кривично дело „предизвикување општа опасност”, кое се санкционира со затворска казна од една до пет, односно 10 години.