Полицајка му се закани со кривична на фоторепортер од Канал 77 затоа што фотографирал сообраќајка – ММС
ММС

Објавено на: 08/1/19 5:53 PM

Полицајка му се закани со кривична на фоторепортер од Канал 77 затоа што фотографирал сообраќајка

Фоторепортер на Канал 77 денеска беше спречен да си ја извршува својата работна задача.

Униформирана полициска службеничка му се закани со кривична пријава доколку не ги избрише фотографиите што тој ги фотографирал на лице место на сообраќајката која што се случи во населбата Сењак.

Дрското однесување на Полицајката продолжило и покрај информирањето и посочувањето на нашиот фоторепортер дека е од медиум и дека само си ја врши својата работа.

Порпаролката на СВР Штип, Гордана Панајотова го осуди инцидентот напоменувајќи дека вакво нешто не требало да се случи и нема да се повтори.

Дали станува збор за ,,нововработена“ или не, сепак не е оправдување.

Кога некој извршува таква работа, мора да ги знае правилата и законите, како оној дека не мора некој да е фоторепортер или новинар туку и секој обичен граѓанин може да побара од униформираното полициско лице да се легитимира и да го каже бројот на полициската значка.

Редакцијата на Канал 77 ќе го пријави инцидентот до ЗНМ и другите соодветни институции со цел вакви немили сцени повеќе да не се повторат.

Инаку предмет на интерес на нашиот фоторепортер беше сообраќајката во која што главни актери беа возило-такси и диво-нерегистрирано возило, од оние адаптирани кои што несовесни лица ги користат за пренесување на крадени дрва.

Сообраќајката го привлече интересот на Канал 77 и поради фактот што години наназад ги следи овие диви нерегистрирани возила-„камикази“ кои што некогаш натоварени, некогаш  не, слободно се движат по штипските улици претставувајќи вистински кошмар и за возачите и за пешаците.