Општините Охрид, Кичево и Центар Жупа треба да изнајдат локација за израдба на микро регионални шелтер центри за бездомни кучиња, кои ќе ги сервисираат потребите на локалните самоуправи кои гравитираат во непосредна близина, одлучија градоначалниците од Југозападниот плански регион на денешната седница на Центарот за регионален развој.
Општините, според тим лидерот за изработка на физибилити студија за бездомни кучиња Васко Каранѓелески, до крајот на годината имаат обврска согласно програмите да го стават во буџетите финансирање за заловување, транспорт и третманот на бездомните кучиња.
– Целта е да се стабилизира и да се намали популацијата на бездомни кучиња со одреднеи активности, да се подигне свеста за да не се зголемува бројот на бездомни кучиња, правилна стерилизација, вакцинација и улога на општините за финансирање и раководење со таа популација што е нивна законска одговорност. Со тоа ќе се придонесе да нема инциденти со напади од кучиња скитиници и ќе имаме здрави граѓани, истакна Каранѓелески.
На крајот на септември, појасни, кога ќе заврши ангажманот финансиран од УНДП и ЕУ општините ќе имаат детална техничка документација и целосни основи за одлуки што понатаму за одржливи решенија за раководење со бездомните кучиња и правилото за благосостојба на животните и здравјето на луѓето.
Градоначалникот на Општина Центар Жупа, Аријан Ибраим предложи да се зубвенционираат ветеринарните станици за решавее на проблемот со кучињата скитници.
– Решавањето на проблемот со кучињата скитници општините неможат да го направат без помош од државата. Сметам дека ветеринарните станици ја имаат токму таа намена за решавење на проблемите со животните, вели Ибраим.
Општина Охрид иако има возила, служба и одвоен буџет 1.400.000 денари, според претставникот Антонио Гавриловски, самостојно не може да го реши овој проблем и затоа се пристапи на регионално решавње на проблемот со бездомните кучиња.
– Општина Охрид самостојно презеде низа мерки и активности и дел од овој проект само ги потврди нашите резултати. Проектот ќе и помогне на општината за изработка на проект за стационарот. Регионалното ќе функционира многу подобро со финансирање од повеќе општини, а со тоа полесно ќе се справиме со проблемот со бездомните кучиња, посочи Гавриловски.
Јавното претпријатие „Охридски комуналец” има набавено специјални возила и опрема за заловување кучиња, има вработени кои поминале обуки и се стекнле со сертификати за заловувачи, а во тек е постапката за дозвола за стационар која ја издава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.