Реконструкцијата на регионалниот патен правец Битола – Демир Хисар е во финална фаза и се очекува асфалтирањето да заврши следната недела, а чистењето на околниот дел на патот да биде комплетирано до средината на август.
Премиерот Зоран Заев придружуван од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска извршија увид во работите на патот Битола – Демир Хисар во вкупна должина од 10 километри и широчина од шест метри во вредност од 1,5 милион евра, пари обезбедени преку кредитна линија од Светска банка.
-Продолжуваме со големи капитални проекти ширум државата, каде во патна инфраструктура се насочени преку милијарда евра. Во регионот на Пелагонија каде што е и центарот на земјоделството во Република Северна Македонија, се реализираат многу проекти. Овде живеат и преку 200 илјади жители, и затоа е многу важно да ја подобриме комуналната, но и патната инфраструктура заради севкупниот развој на државата, рече Заев.
Тој посочи дека на проектот работат домашни компании со што преку реализација на капиталните инвестиции, без разлика дали се средствата од Буџетот или се дел од средствата од кредити, се дава помош и поддршка на приватниот сектор.
-На крајот целата оваа инфраструктура ја градат граѓаните на нашата земја преку плаќање даноци, давачките што навистина ги враќаме назад во подобра инфраструктура и поквалитетен живот за сите граѓани, рече Заев.
Министерот Сугарески нагласи дека прв приоритет на Владата е изградба, реконструкција и модернизација на патната инфраструктура и дека согласно најавите, во екот на градежната сезона, интензивно се работи на изградбата и реконструкцијата на голем дел патишта. За патот Битола – Демир Хисар, нагласи дека се работи на асфалтирање на последните три километри, и оти станува збор за еден од патиштата на коишто изминатите 40-50 години воопшто не биле обновени.
-Паралелно сакам да најавам уште неколку проекти што се поврзани со пелагонискиот регион. Станува збор за патот од Битола до Меџитлија, зборувам за постоечкиот пат. Паралелно се работи и на изработка на проекти за експресниот пат од Битола – Меџитлија. Она што е многу битно за овој регион е тоа што во септември ќе има тендер за проектирање на автопатот Прилеп – Битола. Во овој регион исто така се работи и на делот од Макази до Ресен, на проектирање на обиколницата кај Ресен. Во делот на Кривогаштани до Крушево, Македонски Брод, и уште неколку патни правци во Битолско, заедно некаде 50-ина километри ќе се реконструираат дополнително од оваа есен. Сите проекти коишто се ветувани и во Програмата на СДСМ, но и во Програмата на Владата очекувам согласно динамиката 2019-2020 година ќе биде апсолутно реализирана, рече министерот Сугарески.