Продолжува процесот на деинституционализација на корисниците на услуги во Специјалниот завод Демир Капија. Денеска и официјално започна со работа мал групен дом во демиркапиското село Корешница. Овде се сместени три лица на возраст од 18 до 26 години. За разлика од условите во кои досега живееја во заводот, сега тие имаат далеку по добри услови – констатира министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која беше присутна на отворањето на домот.
„Условите се одлични. Продолжува и процесот на квалитет во грижата за овие деца, кои долг период беа во една сива институција каде не се правеше доволна стимулација заради недостаток на кадар, но и заради самите услови и гломазност на институцијата. Навистина е одлично да се види дека и самите деца кои што се префрлени тука имаат подобра состојба и се многу возбудени заради новиот начин на живот кој што ќе го имаат и со непосредниот контакт со околината. Она што може да се заклучи е дека дечињата кои се по подвижни во дворот повеќе сакаат да комуницираат и со соседите но исто така и да гледаат како се движат возилата, да комуницираат со заедницата и тоа навистина не прави како систем за социјална заштита среќни и задоволни дека конечно оваа трансформација значи и подобрување на животните услови и живеењето на сите деца кои што биле сместени во нашите институции“ вели Царовска.
Со отворањето на претходните групни домови, кај ј вработените во заводот имало страв дека ќе ги загубат своите работни места, но сега тоа не било случај. Тие и доброволно се пријавувале да работат во малиот групен дом во Корешница, рече директорката на Специјален завод Александра Велковска.
„Ова е прв мал групен дом што е отворен во општина Демир Капија и кога ќе ги погледнете условите се на едно повисоко ниво од претходните услови кои дечињата ги имаа во самиот специјален завод. Како локална самоуправа сме големи поддржувачи на трансформација на специјалниот завод, во овие мали групни домови каде децата би имале многу по нормален живот и одлична социјализација на населението со нив. Тие подолго се дел од нашето општество и опкружување затоа што самиот специјален завод е во општина Демир Капија“ вели градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров.
Ангел Данов