Варвициотис: Со Договорот од Преспа Грција изгуби две оружја – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/19 1:20 PM

Варвициотис: Со Договорот од Преспа Грција изгуби две оружја

Со Преспанскиот договор Грција ги изгуби нејзините две оружја – го изгуби оружјето за вето во НАТО и ја изгуби Времената спогодба, што беше начин со кој земјава беше обврзана да биде призната од сите меѓународни организации и од многу држави како Поранешна Југословенска Република Македонија, изјави грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Милитиадис Варвициотис во интервјуто за утринската информативна емисија на грчката телевизија „Open”.

– Ние уште од почеток рековме и затоа се боревме против овој договор и пред да се потпише и пред да се ратификува, дека од моментот кога се потпишува и од моментот кога се ратификува носи резултати. И ние не можеме да кажеме дека Грција денес има аргументи за поништување на договорот врз основа на рамката на договорот, изјави Варвициотис.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Варвициотис во интервјуто уште еднаш повтори дека сега Грција ќе се труди да ги заштити производите со терминот „Македонија”, но и ќе се обиде да ги подобри условите од договорот кога ќе започне отворањето на поглавјата со ЕУ.

– Преку овој договор треба да постигнеме две работи. Пред сѐ да се спроведе ограничување на употребата на терминот Македонија и второ, да ги заштитиме нашите производи и да видиме, отворајќи ги поглавјата во Европската унија кога ќе дојде тој момент, како би можеле да ги подобриме условите на договорот, вели Варвициотис.