На децата од селата Криволак, Пепелиште и Тремник ќе им биде овозможен целодневен престој – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/19 9:14 AM

На децата од селата Криволак, Пепелиште и Тремник ќе им биде овозможен целодневен престој

Општинска детска градинка „Фемо Кулаков”-Неготино информираше дека со писмен извештај од Министерството за труд и социјална политика,  добиле позитивно мислење и согласност,   за  целодневен престој на дечиња во постојните групи во други просторни услови во селата Криволак, Пепелиште и Тремник.    

-Станува збор за целодневно згрижување на деца на возраст од две до шест години во групи кои функционираат во состав на неготинската градинка. Со проектот, во Криволак ќе бидат опфатени до 25 деца, во Пепелиште до 25 и во Тремник до 20 деца. Постојните групи во други просторни услови во овие рурални средини со згрижување на деца со целодневен престој ќе започнат од 2 септември, оваа година – соопштија од градинката. 

За овозможување на стартот на овој проект, во изминатиот период биле реализирани повеќе активности, со цел подобрување на условите за престој на дечињата во групи во други просторни услови. 

Имено, во населените места Криволак, Пепелиште и Тремник каде што има деца во други просторни услови при ЈУОДГ „Фемо Кулаков”,  успешно биле завршени повеќе градежно-занаетчиски работи за адаптација на просториите, а набавена биле и кујнска опрема и клима уреди. Со оваа активност се подобриле условите за престој на дечињата и се создале услови за нивен целодневен престој.