Чудотворните свети води во делчевско Тработивиште – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/19 8:46 AM

Чудотворните свети води во делчевско Тработивиште

Се верува дека овие свети извори, оваа чудотворна вода особено е полезна за оние што страдаат од нервни растројства, дејствува против уроци, за зацелување рани, помага кај децата кои мократ во сон, немирно спиење, а ја лечи и главоболката, го бистри умот и го јакне телото. Карактеристично е што луѓето што доаѓаат, не доаѓаат само да се измијат, туку и да наполнат вода. Од сите три извори еднакво се мие и се пие, а оние што земаат од светата вода со себе треба да знаат дека водата не се внесува во куќа, туку треба да се остави надвор (оние што имаат градина треба да ја остават меѓу цвеќиња). Откако ќе се донесе вода, болниот треба да се мие без да го поместува садот во кој таа се наоѓа и да пие од неа наутро.

Приказната вели дека во близина на село Тработивиште, оддалечено десетина километри од Делчево, сместена на брегот на реката Брегалница, во подножјето на Орлова Чука, се наоѓа месноста што од дамнина се викала Света Вода. Името, како што вели историчарот Славчо Десподов, го добила по трите извори оддалечени по десетина метри, еден од друг, од кои извира вода бистра како солза и за која се верува дека е чудотворна и дека им помага на луѓето при лекување многу болести и тегоби.

– Верувањето за лековитоста на овие свети извори се пренесува од колено на колено, со генерации наназад, а меѓу населението на Пијанец сè уште постои легендата за престојот на светите браќа Кирил и Методиј во овој крај, која ја потврдуваат и записите на Јеремија Павловиќ и Јордан Иванов. Според нив, во средината на IX век овде постоела ќелија во која Кирил и Методиј живееле аскетски живот и преведувале грчки црковни книги на словенски јазик. Дека не се работи за обичен мит, туку за историска вистина, зборува и фактот дека кога се копани темелите за новата куќичка, која јасно се гледа на фотографиите, пред неколку години се откриени остатоци од стара градба за која се претпоставува дека е аскетската ќелија на Кирил и Методиј. Како уште еден доказ за ова е платото над изворите, кое мештаните го викаат Собориште и на кое се најдени остатоци од стари градби, вели Десподов.

За лековитоста на водата има голем број сведоштва, а некои од нив во знак на благодарност се документирани во печатени белешки, над самите извори. Едно такво сведоштво е и она на Милка Илиева, родена Заринска во 1944 година во село Робово, Беровско, од мајка Зора и татко Евтим, со место на живеење во Кочани. На Заринска лековитата вода ѝ помогнала, а за да доловиме како застанала на нозе од водата ќе ви го прераскажеме целото нејзино сведоштво.

– Јас како дете до седумгодишна возраст немав никакви здравствени проблеми. Еден ден додека мојата стринка Рилка ми ја миеше главата наеднаш ми се слоши, ѝ реков „лошо ми е” и толку се сеќавам. Сум западнала во тридневна кома од која немало никаков излез. Мојот сакан дедо Станомир Пандурски, кој е чичко на мојата мајка, предложил да ми фатат побратим кој ќе ми донесе вода од ова свето место во Пијанец, познато како Света Вода. Побратим ми беше Славе Капевски од истото село, кој истиот момент прифатил да ми донесе света вода. Тој заминал пеш, а сите други останале околу мене за да го чекаат. Кога луѓето го виделе дека се враќа, почнале да зборуваат, а јас, иако бев во кома, слушнав глас „побратимот иде”. Кога стигнал во дворот, јас повторно слушнав глас „побратимот е во дворот, изведете ја да се замие кај амбарот, каде што не се гази”. Мајка ми и стрина ми ме фатиле под мишки и влечејќи ми ги нозете, по земја, сета модра и без знаци на живот, ме изнеле во дворот пред побратимот. Побратимот ме измил по челото и по лицето, а јас веднаш ги отворив очите и видов дека дворот и куќата се преполни со луѓе кои гледаа и чекаа да видат што ќе се случи. До вечерта ми дадоа да јадам, а утрото јас станав на нозе, сосема здрава. Оттогаш јас имам голема желба да го посетам ова свето место и сега на 68 години дојдов со голема благодарност и задоволство. Јас од настанот на седумгодишна возраст, па сè до ден-денес, не сум боледувала од никаква болест, ниту сум била на лекарски преглед, иако сум медицинско лице. Премногу ти благодарам тебе света Богородице и на тебе света водичко, што ме оставивте да го продолжам животот, така лесен и убав до ден-денес. Уште еднаш ти благодарам света Богородице”, се вели во благодарноста што Илиева ја оставила над еден од лековитите извори.

Милка Илиева се потпишала и го оставила ова сведоштво, засекогаш да говори за водата што ѝ го спасила животот.

Но, не случајно Илиева ја спомнала света Богородица. Се верува дека трите извори го носат името на трите светителки, света Богородица, света Недела и света Петка. Местото е познато на мештаните од Пијанец и Малеш, но јавноста многу малку знае за светите води во село Тработивиште. Дел од мештаните велат дека овде традиционално тие се собираат на празникот Источен петок Балаклија, кога се организира голем општо народен собир.

 

-Луѓето доаѓаат за здравје, палат свеќи, посета има најмногу на света Богородица Балаклија, се носи јадење, некои принесуваат жртва (овца или јагне), исто така за здравје. Еве ние денес решивме со внуците да дојдеме овде малку да наполниме вода, да се прошетаме, вели жителка на селото која случајно со сопругот и внуките ја затекнавме на ова место.

Местото каде се наоѓаат Светите води не е доста пристапно и потешко се доаѓа до светите извори. Од она што досега е направено, патот е порамнет со градежна машина, поставени се мали патокази, а непосредно пред самите извори, мештаните патот го обележале и со стари неупотребливи гуми за автомобили, кои служат како скали за симнување до трите извори.

Исто така, доаѓајки на овие извори луѓето покрај тоа што доаѓаат и се замиваат за здравје, над водата во близина на околните дрвја, оставаат дел од својата облека, со надеж дека така ќе се избават од она што ги мачи.

За тоа како да стигнете до местото, на влезот на село Тработивиште, пред мостот кој води до градските гробишта, стои патоказ кој ќе ве насочи во правец до Светите води, но постојат и околни патишта што жителите на Тработивиште доколку ги прашате ќе ви ги кажат со задоволство.

МИА