„Сите сме деца на Илинден” е слоганот на сите настани со кои годинава ќе се чествува Денот на Републиката – 2 Август, 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание ан АСНОМ. Според Владата, која на седница ја утврди Програмата за одбележување на Илинден на предлог на Организацискиот одбор, слоганот го одразува концептот на заедничките вредности кои, како што посочува – сите ги славиме, празнуваме, кои нè обединуваат и поврзуваат, нè прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава.
Свеченостите по повод Денот на Републиката ќе почнат со активностите на претседателот на државата Стево Пендаровски, кој заедно со делегации ќе положи свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев и ќе се поклони пред споменикот на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов Ченто во Скопје. Претседателот Пендаровски, заедно со Сојузот на борците, ќе положи цвеќе на Алејата на славните, по што ќе следува прием за гостите и за делегацијата на борците во претседателската вила на Водно, каде што Пендаровски и претставник на Сојузот ќе имаат обраќања по повод празникот.
Втори август истиот ден се чествува и во Меморијалниот центар „АСНОМ” во Пелинце, каде што на свеченоста по повод Илинден и 75-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе говори претседателот на Собранието Талат Џафери, а потоа ќе има културно-уметничка програма.
Централната свеченост за Денот на Републиката – 2 Август во Крушево ќе се одржи на Мечкин Камен, каде што делегацијата ќе ја предводи премиерот Зоран Заев кој ќе има обраќање. Ќе биде положено цвеќе на споменикот на Мечкин Камен, а по обраќањата ќе следува свечена културно-уметничка програма.
Во рамки на Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август се и активностите во Смилево, со кои ќе се одбележат 116 години Илинден и 77 години од првата борбена акција на битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев”. Ќе биде положено цвеќе на спомен-обележјата и посетен меморијалниот музеј Смилево.
МИА