Скопскиот аеродром со раст од 119 отсто во поврзаноста со светот – ММС
ММС

Објавено на: 07/29/19 11:39 AM

Скопскиот аеродром со раст од 119 отсто во поврзаноста со светот

Меѓународниот аеродром во Скопје во изминатава деценија бележи раст на поврзаноста со останатите аеродроми во светот од 119,1 отсто, покажуваат податоците на Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ).

Како што објави специјализираниот портал за авиосообраќај exyuaviation.com, со ваквиот раст скопскиот аеродром е рангиран на второто место меѓу аеродромите во главните градови на поранешните југословенски републики, зад Подгорица, која бележи раст во периодот 2019 – 2009 од 284,8 отсто.

По Подгорица и Скопје, следува аеродромот во Сараево со децениски раст на поврзаноста од 109,3 проценти, пред Белград со 77,7 отсто, Загреб со 73,4 проценти и Љубљана со 20,4 отсто.

Од сите 15 аеродроми во државите од поранешна Југославија вклучени на листата, најголем раст на поврзаноста има Ниш со 1.134,2 отсто, пред Осијек со 926,7 проценти, Пула со 479,4, Тиват со 352,7 и Задар со 341,2 отсто.

Аеродромот во Охрид е шести на листата со раст на поврзаноста во последнава деценија од 289 проценти.

На листата не е вклучен аеродромот во Приштина.

Кога станува збор за воздушната поврзаност во земјите од поранешна Југославија со светот, податоците на АЦИ покажуваат дека тие се меѓу најслабо поврзаните држави со авиолинии во Европа.

Од вкупно 43-те европски држави рангирани на листата на АЦИ, Босна и Херцеговина е на последното место, Северна Македонија е 40-та, Словенија 39-та, Црна Гора 36-та, Србија 28-ма, а Хрватска 22-ра.

Во делот за Северна Македонија се посочува дека земјата во последнава декада бележи значителен пораст на бројот на патници, на што во голема мерка влијаеле линиите на „Виз Ер”.

Инаку, лидер на листата на најдобра авиоповрзаност меѓу земјите од Европа е Шпанија, пред Германија, Велика Британија, Франција и Турција.

МИА