Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување треба да ја забрзаат постапката за набавка на лекови против хепатитис Б. Имаше постапка во Фондот такви лекови да бидат ставени на позитивна листа, но за жал поради некакви бирократски или други причини тоа не е направено. Бараме од Фондот да се изјаснат до каде е постапката за лековите за хепатитис Б, изјави денеска Милан Мишковиќ од пациентската организација Хепар центар Битола.
По повод Светскиот ден за борба против хепатитис од Хепар центар Битола денеска во ТЦ „Рамстор мол” во Скопје, од изутрината до пладне организирааат бесплатно и анонимно тестирање за хепатитис Ц.
Тој посочи дека лековите за хепатитис Б не се скапи, но се уште не се донесени во државава, а лекови за хепатитис Ц, донација од две хуманитарни организации добиле Универзитетските клиники за инфективни болести и за гастроентерохепатологија.
Се проценува, нагласи тој, дека во државава до 1,5 отсто од вкупниот број на населението е заболено со хепатитис Б и хепатитис Ц.
– Очекуваме од Министерството за здравство да донесе позитивна одлука во однос на продолжување на набавката на лекови за останатите пациенти. Позитивно е што Министерството за здравство одобри формирање национална работна група, која во соработка со СЗО треба да почне да изработува Акциски план или Национална стратегија, додаде Мишковиќ.
Директорот на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, Калина Гривчева Старделова, која го посети штандот каде се врши бесплатното тестирање, рече дека во септември ќе информираат за тоа каква е успешноста на лекувањето на пациентите со хепатитис Ц со лековите кои ги добиле од две хуманитарни организации наменети за таа Клиника и за Клиниката за инфективни болести.
– Нашите резултати што се однесува до излекување на пациентите со хепатитис Ц се одлични, меѓутоа согласно нивните потреби, тоа се лекови кои третираат одредени два гентотипа на болеста. Значи пациентите кои се третирани со генотип 1 и генотип 4 се излекувани. Знам дека се работи на тоа лековите за хепатитис Б да се стават на позитивната листа. Се работи за месечна терапија која сега чини 250 евра, а кога се појави на пазарот чинеше 750 евра. Тие лекови сега се поевтини и за Фондот за здравство да ги покрие, посочи Гривчева Старделова.
Таа рече дека се бележи пораст на бројот на заболени со хепатитис Ц, но оти тоа не се драстични бројки. Бројот на заболени со хепатитис Б со обврзните вакцинации, нагласи, не е во таков каков што очекувавме ако ги немаше. Според неа, тие вакцинации успеваат да го намалуваат или контролираат степенот на инциденца на хепатитис Б.
– Имаме се поголем број на хепатоцелуларни карциноми и загрижува што го плаќаме данокот на тоа што претходно сме немале вакцини и терапија. Терапијата е корисна и за пациентите кои се трансплантирани со црн дроб, а биле носители на хепатитис Б инфекцијата и потребно е тие доживотно да го чуваат вирусот под контрола и да ја добиваат терапијата. Имаме зголемен број пациенти кои имаат потреба да бидат трансплантирани. Не сме наклонети на давање органи во смисла на потпишување согласност да се даде орган од починат или лице со состојба на мозочна смрт, што е голем хендикеп, додаде д-р Гривчева Старделова.
Кампањата на Хепар центар Битола продолжува наредните денови во Битола, Охрид и во Струга. Статистиките на глобално ниво покажуваат дека 80 отсто од инфицираните со хроничен хепатитис Б или Ц, доколку навремено не се третираат, може да добијат хепатоцелуларен карцином односно карцином на црниот дроб, што претставува директна опасност по животот на пациентот, посочуваат од Хепар центар Битола.