Собрани се 14 тони кабаст отпад во акцијата која Општина Центар ја организираше вчера, во соработка со ЈП Комунална хигиена и Град Скопје. Граѓаните го оставаа својот отпад на трите локации во Дебар Маало, кај Универзална сама и Зелен пазар, информираа од општината.
Во рамки на вчерашната акција, како што се наведува, се чистеа улици и се уредуваа јавните површини на целата територија на Општина Центар. Во неа учествуваше општината, со 100 работници и целосната механизација, како и службите од Град Скопје и ЈП Комунална хигиена.
Од Општина Центар посочија дека продолжуваат со редовните активности за одржување чистота и апелираат до граѓаните правилно да го одложуваат отпадот.