Привршува жетвата во кумановско – ММС
ММС

Објавено на: 07/27/19 9:27 AM

Привршува жетвата во кумановско

Привршува жетвата во кумановскиот регион, соопштија денеска од подрчаната единица на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство. Приносите, годинава кај индивидуалните земјоделци се пониски што се должи на сушата која го зафати регионот на почетокот од пролетта и се движат од  2.800 килограми по хектар за пченица, 3.000 за јачмен, по 2.500 за р’ж и за тритикале и 2.000 за овес.

Кај поголемите земјоделски претпријатија кои ги применуваат сите агротехнички мерки и спроведуваат заштита од болести и штеточини приносите се околу 5.000 килограми по хектар за пченица и јачмен.

Во поширокиот кумановски регион кој ги опфаќа општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, земјоделците и претпријатијата ја завршиле жетвата на јачменот на површина од 7.700 хектари. Жетвата на пченицата е при крај и досега ожнеани се 11.875 од вкупно насеаните 12.500 хектари со пченица. При крај е и жетвата на р’ж на површина од 340 хектари, на тритикале од 700 и на овес на површина од 902 хектари, ожнeани се меѓу 90 и 95 проценти од насеаните култури.

-Годинава, малку подоцна почна жетвата поради врнежите и досега се одвива без прекин, има доволно механизација, комбајни и приклучна механизација на нивите. Доколку продолжи со ова темпо, жетвата навреме ќе заврши, изјави раководителот на подрачната единица на МЗШВ, Куманово, Насер Даути.

Надлежните од подрачната единица ги повикаа земјоделците дека до крај на месецов трае програмата за аплицирање на млеко втора фаза за 2019 година, за продадено и откупено млеко во откупните центри и ги информираа дека почна програмата за осигурување на посеви и насади за годинава, за земјоделски култури што ќе трае до 31 август.