Политичките чинители да не играат игри, туку да соработуваат заради иднината на земјата. Време е да се придвижат работите за доброто на државата, порача вчера вршителот на должност помошник – државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер по средбите со државниот врв и опозицијата.
Рикер оцени дека Северна Македонија се движи напред во исполнување на повеќедецениските цели – да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите за членство во ЕУ, но за тоа, како и за граѓаните, клучно е, напомена, да се реши прашањето за законот за јавно обвинителство.
Во оваа насока високиот американски дипломат беше дециден. Очекува, како што рече, конструктивност од опозицијата и брзо завршување на процесот.
-На денешната средба со премиерот Заев ја подвлековме важноста од донесувањето на законот за јавно обвинителство. Имаме добра основа во предлогот и се радувам на неговото изгласување. Се надевам дека овој процес ќе заврши брзо заедно со опозицијата. Ова е одличен момент сите да се здружат и да го завршат процесот. Ова е нешто што граѓаните сакаат да го видат решено. Времето на задржување на ова прашање од страна на опозицијата веќе треба да заврши и се надевам дека тие ќе имаат конструктивен пристап. Како и во секоја вистинска демократија, улогата на опозицијата е клучна, но таа мора да биде и конструктивна, истакна Рикер на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
Времето за истакнување големи гестови, како и за играње со перспективите на граѓаните, дополни, веќе е поминато.
-Мојата порака е јасна. Време е да се придвижат работите за доброто на земјата. САД сакаат да работат со сите политичките партии во Северна Македонија, но за да го направиме тоа како што кажаа претседателот Доналд Трамп и државниот секретар Мајк Помпео, мора да видиме разумни напори, а законот за СЈО мора да се придвижи. Неговото усвојување сега, ќе значи дека тоа веќе нема да биде прашање и ЕУ ќе може да ги отвори пристапните преговори наесен. За ова има силна поддршка и од сојузниците во ЕУ. Затоа ја поттикнувам опоизицијата да се придвижи за да имаме уште поблескава иднина, подвлече Рикер.
Оваа порака в.д. помошникот – државен секретар на САД му ја соопшти директно и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Имавме искрен и отворен разговор со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и со претставници на партијата во кој ги повторив истите пораки како и утрово. Се надевам на позитивен исчекор кога станува збор за владеењето на правото, СЈО и за Јавното обвинителство, бидејќи тоа е многу важно за европската перспектива на Северна Македонија, изјави Рикер по едночасовната средба со Мицкоски во седиштето на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ кусо соопштија дека Мицкоски на Рикер му го образложил законот за обвинителството што го предлага партијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ претходно, на прес-конференција, соопшти дека законското решение за јавното обвинителство базира на „вистинските темели и бескомпромисна битка против криминалот и корупцијата”. Укажа и дека ВМРО-ДПМНЕ има конструктивен пристап. Треба да се отвори прашањето дали Владата е конструктивна. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, образложи Мицкоски, е обвинителите од СЈО по престанокот на мандатот да се вратат во матичните обвинителства, а сите предмети до 30.06 2017 година, наместо од новото обвинителство, да бидат преземени од државниот јавен обвинител и „прераспределени каде што припаѓаат”. ВМРО-ДПМНЕ предлага и финансиска незавиност на целокупното државно обвинителство.
Премиерот Заев најави дека викендов ќе го разгледа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Сите предлози, рече, ќе бидат ставени на маса со цел навремено да се донесе консензуално законско решение за судбината на СЈО. Заев изрази подготвеност заедно со опозицијата да се донесе и законот за јавното обвинителство. За него, посакувано решение за законот за ЈО е да биде донесен со консензус со опозицијата.
-Посакуван начин значи, како и досега во последните месеци што покажа РСМ, низ дебата утврдување законско решение кое никако нема да дозволи да се нарушат црвените линии, а тоа е владеење на правото, гарантирање на иднината на СЈО, но и создавање лекс специјалис – закон за јавно обвинителство кое навистина ќе ја гарантира правната држава и владеење на правото. Отворени сме и тоа постојано го повторуваме и за последниот заеднички исчекор со опозицијата во усвојувањето на Предлог-законот за јавно обвинителство за да покажеме на меѓународната заедница, но и дома, дека сме единствени кога станува збор за нашите стратешки интереси, напомена премиерот.
Во овој контекст, Заев, како и Рикер, апелираше на политичка одговорност. Ако законот за обвинителството не се донесе до 15 септември, државата, предупреди, ќе биде во непријатна состојба да изнаоѓа непосакувани начини за да продолжи СЈО со работа.
-Тогаш завршува мандатот на шефот на СЈО, но останува мандатот на обвинителството кој трае уште една година. Ќе мора да седиме на лидерски средби, да доаѓаат експерти, стручњаци, да изнаоѓаме решенија. Државата мора да го најде начинот, мора да продолжи да работи, како и институциите на системот. Затоа, целта е да бидеме одговорни политичари, да седнеме сите како и досега. Ние од власта прифативме сериозни конкретни сугестии од опозицијата кои се веќе вгаредни во ново предлог законско решение, изјави Заев на заедничката прес – конференција со в.д. помошникот – државен секретар на САД.
Рикер доцна попладнето имаше средба и со претседателот Стево Пендаровски. Ввладеењето на правото и независноста на судството биле во фокусот на разговорот. Заклучокот од средбата е дека е неопходен конструктивен политички дијалог за суштински реформски закони.
-Земјава вложи огромни напори за да ја надмине статус-кво состојбата од минатото. Сега е неопходно сите политички чинители заеднички да работат на европската иднина на државата, преку конструктивен политички дијалог за усвојување на суштинските реформски закони, истакна Пендаровски на средбата.
Во текот на вчерашниот ден, Блупринт групата за реформи во правосудството изнесе оценка дека последното законско решение за јавното обвинителство е донесено избрзано, без нивна консултација и во договор само меѓу партиите. „Алтернатива”, пак, предлага Фатиме Фетаи дa раководи со новото обвинителство за организиран криминал.