Новините во инклузивното образование во фокусот на јавната расправа за новиот закон за основно – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/19 2:50 PM

Новините во инклузивното образование во фокусот на јавната расправа за новиот закон за основно

Јавната расправа што денеска ја организираше собраниската Комисија за образование, наука и спорт за Предлог-законот за основно образование, кој завчера помина во прво читање во Собранието, беше фокусирана главно на делот за инклузија на учениците со попреченост во редовното образование, што е и меѓу најзначајните новини во предлогот на МОН.

Предлогот предвидува нивно целосно вклучување од учебната 2022-2023 година кога посебните училишта повеќе нема да запишуваат ученици и тие установи ќе прераснат во основни училишта со ресурсни центри, кои ќе помагаат за спроведување целосна инклузија во редовните училишта.

Учесниците на расправата, вклучително претставниците од канцелариите на УНИЦЕФ и народниот правобранител, ја поздравија иницијативата да се надмине дискриминацијата, имаа забелешки околу непрецизности кои очекуваат да се појаснат до следното читање и, главно, укажаа дека транзицијата на посебните училишта е деликатен процес кој треба да се спроведе внимателно, а и дека бара големи инвестиции.

Зоран Киткањ од Институтот за специјална рехабилитација и едукација при Филозофскиот факултет во Скопје смета дека преоктот е преамбициозен и дека и развиени земји со многу поголем БДП од нашиот не успеале да спроведат тотална инклузија. Затоа што во посебните училишта има деца со различни видови и степени на попреченост за што се потребни фианансии за стручен кадар и за технички помагала.

– Зборувам за оние што имаат значително ограничени способности во областа на говорот, јазикот, моториката и способноста за приспособување. Кај 95 отсто од тие што се со тешка интелектуална попреченост има и секундарни, придружни проблеми… Предлогот дава можности, но сметам дека сега е преамбициозен. На државата ќе ѝ требаат многу средства за да се спроведе тотална инклузија. Имаме недостиг на материјално-финансиски средства. Државата во моментов не може да издвои толку. Човечките ресурси се недоволни и потребни се образовни профили кои можат да одговорат на прашањата што ги третираат децата, па и возрасните лица со попреченост, рече Киткањ.

Наташа Стојановска од Институтит за специјална рехабилитација рече дека 2022-2023 не треба да стои како законска рамка односно, како што рече, мораториум за посебните училишта затоа што има деца кои не ќе може да се вклучат во редовното образование.

– Препораката на комисијата ќе биде секое дете да биде во редовно образование, но треба да им се остави можност на родителите кои сметаат дека нивното дете нема да може да се вклучи, рече Стојановска.

Елена Петревска од здружението ХЕРА, пак, смета дека Предлог-законот треба да се дополни и унапреди во делот за препознавање, превенција и справување со насилството меѓу учениците, вклучувајќи го и тоа на интернет.

– Тие стануваат сè посериозни теми за кои сметаме дека во моментов се игнорирани и не се преземаат соодветни мерки за подобрување на состојбата со врсничкото насилство т.е. булингот кој е во растечки тренд, рече Петревска.

Министерот Арбер Адеми на почетокот на расправата нагласи дека предлогот е креиран врз основа на податоци добиени од анализа на кредибилни институции како УНИЦЕФ и ОЕЦД.

Тој очекува законот да биде донесен консензуално и со поддршка од сите пратеници затоа што, рече, „немаме лична или политичка агенда, туку интерес ни е иднината на нашите деца”.

Покрај Предлог-законот за основно образование во прво читање е поминат и Предлог-законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта. Двата предлога в понеделник се на дневен ред на матичната собраниска комисија во второ читање и се очекува наредниот ден да бидат и на пленарна. Од ВМРО-ДПМНЕ засега имаат подготвено 15 амнадмани со кои сметаат дека ќе се подобри текстот на законите.