Македонските граѓани до 750 денари плаќаат кеш, над тоа со картички – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/19 12:17 PM

Македонските граѓани до 750 денари плаќаат кеш, над тоа со картички

Храна, облека, сметки за комуналии и бензин македонските граѓани најчесто плаќаат со дебитна картичка, а износот кој го претпочитаат за да плаќаат со картичка е над 750 денари.

Ова се резултатите од направената студија на Мастеркард MasterIndex истражувањето за финансиските потреби и навики на активните сопственици на картички во Северна Македонија.

Според истражувањето, 93,7 отсто од испитаниците имаат дебитна картичка, 28 отсто само кредитна, а 22 отсто и дебитна и кредитна картичка.

Дебитната картичка за купување храна ја користат 58 отсто од испитаниците, за облека 20 отсто, за месечни сметки и бензин 15 отсто. Триесет и еден отсто од испитаниците плаќаат со кредитна картичка при купување мебел и домашни апарати, но 30 отсто од испитаниците, исто така, ја користат кредитната картичка при купување храна, за облека 17 отсто и за плаќање месечни сметки 16 отсто од испитаниците.

До 750 денари македонските граѓани претпочитаат да платат кеш. Во истражувањето 55,1 отсто од испитаниците се изјасниле дека за износи до 750 денари не користат картичка, додека 25,7 отсто користат картичка.

Студијата покажува дека бесконтактните можности за плаќање, сè уште, не се многу раширени со оглед на тоа дека еден од два сопственици на картичка нема или не користи бесконтактна картичка. Но, според 72 отсто од оние кои ја користат можноста, доминантна мотивација е тоа што бесконтакните плаќања се побрзи и попогодни од плаќање со готовина и редовната картичка. Според 27 отсто од испитаниците, оваа можност најчесто се користи во супермаркетите, а значително поретко во локалните продавници (10 отсто), услужните дејности како ресторани и кафетерии (девет отсто) и продавници за облека (осум отсто).

Вања Манова, менаџер за Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Косово истакна дека оваа промена е одличен доказ за важноста на моментот што електронските плаќања го имаат на локалниот пазар и дека тоа е резултат на тестирањето од страна на потрошувачите и почитувањето на безбедноста, брзината и предноста која картичките ја нудат во секојдневните активности.

Како најдобра карактеристика на картичките корисниците ја истакнале можноста за брзо плаќање (30,3 отсто) и практичноста (28,9 отсто) на картичките во олеснување при извршување секојдневните активности.

Триесети и шест отсто од испитаниците се изјасниле дека еднаш во неделата ги користат картичките за плаќање преку интеренет, додека 52 отсто не ги користат можностите за онлајн пазарење.

-Онлајн купувачите за плаќање преку интернет најчесто користат дебитни картички (74 отсто) а 25 отсто од испитаниците се изјасниле дека плаќаат во готово по испорака на производот. Кредитните картички и можноста за електронско плаќање се користат од едно на 10 онлајн купувачи или помалку. Истражувањето покажува дека 57 отсто од онлајн купувачите купуваат облека или чевли преку интернет, 30 отсто купуваат електроника, додека речиси еден од пет испитаници плаќа месечно и други сметки или купува авионски билети.