Доцнење и откажување лет, најчести поплаки од патниците – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/19 7:36 AM

Доцнење и откажување лет, најчести поплаки од патниците

Значително доцнење на лет или негово откажување, одбивање за влез во авион, сместување во пониска класа. На тоа се однесуваат најголем дел од барањата за заштита на правата на патниците доставени до Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Од почетокот на годинава до АЦВ пристигнале 12 барања за заштита на права на патници, од кои пет се веќе завршени, а седум се во постапка на решавање. Во претходните две години имало 42 такви обраќања до Агенцијата која успеала да реши 39 предмети. За три предмети во фаза е коресподенција со релевантните институции за изнаоѓање соодветно решение, во интерес на патувачката јавност, велат за МИА од АЦВ.

 

Како што објаснуваат, жалбата првин се поднесува до авиокомпанијата која оперирала со летот, за што се користи формулар што може да се најде на веб страницата на АЦВ. Ако во рок од шест недели не добијат одговор или не се задоволни од добиениот одговор, се обраќаат за правна помош до АЦВ каде треба да го достават формуларот што го испратиле до авиокомпанијата или пак копија од формуларот.

Домашното законодавство е усогласено со европските регулативи во областа. Според нив, на патниците им се исплаќа отштета од 250 до 600 евра ако авиокомпанијата доцни со летот повеќе од три часа, во зависност од далечината на летот. За релации до 1.500 километри отштетата е 250 евра, до 3.500 километри отштетата е 350 евра, а над 3.500 километри 600 евра. Во случај да има одложување на лет преку ноќ авиокомпанијата на патниците треба да им обезбеди хотелско сместување и трансфер до хотелот.

Последен официјален случај од оваа проблематика кај нас е доцнењето на летот Скопје – Хургада, кога на 12-ти месецов домашни туристи чекаа авион околу 10 часа на Меѓународниот аеродром Скопје.

АЦВ тогаш преку соопштение информираше дека патниците можат да бараат соодветен надомест доколку сметаат дека не се испочитувани нивните права. Ако се одлучат за тоа патниците првично треба да поднесат барање за остварување на своите патнички права до туроператорот, односно туристичката агенција преку која е организиран аранжманот или до авиопревозникот, рекоа од АЦВ.

Во случај кога патниците нема да ја добијат услугата за склучениот аранжман, пак, претставка се поднесува до Државниот пазарен инспекторат, и како што велат оттаму, на оштетените парите треба да им бидат вратени во рок од три дена.

Според податоците на аеродромскиот оператор ТАВ Макеоднија, преку Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле Охрид во првите шест месеци од годинава патувале 1,2 милиони (1.163.667) патници, што претставува пораст од 12 проценти во споредба со истиот период од минатата година. На двата аеродрома се реализирани 9.792 лета, со годишен пораст од осум проценти.

Меѓународниот аеродром Скопје опслужува 42 дестинации, од кои 33 се нискобуџетни, управувани од 13 авиокомпании, додека аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужува 20 дестинации, од кои осум се редовни рути во текот на целата година, но и нискобуџетни во исто време, од 13 авиокомпании.

Според уделот во патничкиот сообраќај, Истанбул (и двата аеродроми – Истанбул и Сабиха Гокчен) е најфреквентната дестинација на скопскиот аеродром со 10,1 процент пазарен удел, по што следуваат Цирих (6,9 проценти), Базел (5,4 проценти), Виена (5,4 проценти), Малме (4,3 проценти), Братислава (3,4 проценти).

МИА