Мрежата за заштита од дискриминација во која се здружени неколку граѓански организации ја поздравува заложбата на МОН за вклучување на учениците со попреченост во редовното образование, сметајќи дека така ќе се надмине нивната сегрегација како форма на дискриминација, но воедно укажува дека Предлог-законот за основно образование има сериозни недостатоци од аспект на гаранциите за вклучувањето на тие деца и начинот на кој тоа ќе се спроведе.
– Најнапред, законот е донесен на нетранспарентен и неинклузивен начин. Министерството ги игнорираше барањата и сугестиите на граѓанските организации во однос на заштита од насилство, дискриминација и инклузија на децата со попреченост. Предлог-законот не содржи јасна одредба со која се предвидува дека децата со попреченост ќе се запишуваат во редовните училишта, па оттука, се остава простор оваа заложба да не се спроведе или, пак, да се спроведува делумно. Неопходна е јасна и недвосмислена законска гаранција која ќе овозможи правна сигурност и конкретна заложба за надминување на сегрегацијата на учениците со попреченост, наведува Мрежата за заштита од дискриминација.
Мрежата посочува и дека Предлог-законот ги исклучува децата со оштетен вид од редовните училишта за кои единствено е потребна асистивна технологија и приспособување на училишните објекти и не постои оправдување да не се вклучат во редовното образование.
-Фокусот на посебните паралелки или т.н. центри за поддршка на учењето, во Предлог-законот е спротивен на заложбата за вклучување на децата со попреченост во редовните училишта со што се заменува една форма на сегрегација со друга. Дополнително, Предлог-законот предвидува законска можност часот да трае пократко за децата со попреченост, доколку тоа е предвидено со индивидуалниот образовен план. Во одредени ситуации, може да биде оправдано пократкото траење на часот, но ова прашање не треба да се уреди со закон и да се третира како правило, наместо исклучок. Потребата за инклузија на децата со попреченост во редовното образование не се темели исклучиво на отстранувањето на физичката сегрегација, туку клучен дел од проблемот е што овие деца наместо да добиваат повеќе внимание и поддршка, образованието ги третира како помалку способни, не оставајќи им можност да го дадат најдоброто од себе и да станат конкурентни на пазарот на трудот, пишува во реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација.
Мрежата апелира до Собранието да спроведе транспарентен и инклузивен процес на носење на Законот преку организирање јавна расправа, да ги земе предвид забелешките на сите заинтересирани страни и да го унапреди ова законско решение преку амандмани.
По донесување на Законот за основно образование, од Министерството за образование и наука бара и да го испланира соодветно процесот на инклузија со вклучување на сите засегнати страни, да посвети внимание на обезбедувањето на технички и човечки капацитети за да се овозможат услови за успешна инклузија преку инвестирање во образованието.
-Воедно апелираме до сите заинтересирани страни наместо да се противат на инклузијата, да ги искористат своите капацитети за унапредување на процесот, пишува во реакцијата.
Во Мрежата за заштита од дискриминација членуваат: Фондација Отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување- ХЕРА; ХОПС – Опции за здрав живот Скопје; Хелсиншки комитет за човекови права; Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија – ЕСЕ; Станица П.Е.Т. – Здружение за правна едукација и транспарентност – Прилеп; Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници – Маргини; ЛГБТИ Центар за поддршка; Македонско здружение на млади правници; Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ- Заедно посилни.