Антикорупциска ги доби побараните документи од М-НАВ: Анализата ќе покаже дали Рашковски е вмешан во наводното местење на тендерот – ММС
ММС

Објавено на: 07/24/19 5:20 PM

Антикорупциска ги доби побараните документи од М-НАВ: Анализата ќе покаже дали Рашковски е вмешан во наводното местење на тендерот

На истекот од петнаесетдневниот рок, претпријатието за воздушна контрола М-НАВ ги доставило до Антикорупциската комисија документите потребни за постапката во која се истражува дали генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски го местел тендерот за набавката на радарскиот систем за летање за потребите на ова претпријатие.

Доколку е потребна дополнителна документација, таа ќе биде побарана – вели претседателката на Комисијата за спречување корупција, Билјана Ивановска.

„Ги добивме сите потребни документи, што до овој моментот ги побаравме и продолжуваме со анализа на истите. Кога ќе се заокружи анализата и постапката на истражување, ќе излеземе со свој став во јавноста“, додава таа.

Антикорупциската комисија го отвори предметот за Рашковски по допрен глас пред повеќе од три недели, за да утврди дали тој евентуално е вмешан во изборот на фирма за поставување нов радарски систем на скопскиот аеродром. Случајот со наводната вмешаност на владиниот генсек предизвика лавина реакција во јавноста по што тој се обрати на прес конференција за да даде свое објаснување, но одби да одговара на новинарските прашања кои не му се допаѓаа.  И покрај ова, премиерот Заев застана во негова одбрана и на новинарите кои таквото однесување го оценија како арогантно, тој  им порача дека не може некој да биде боксерска вреќа.

За овој случај за кој беа објавени две аудио снимки, денеска на распит во полиција беше новинарот Љупчо Златев, а повикан е и новинарот Горан Момировски. Од МВР нема официјална информација во кое својство тие се повикани, а молчат и од Обвинителството, од каде не соопштуваат дали е отворена истрага за набавката на радарскиот систем, вреден 7 милиони евра.