Владата изготви Акциски план за справување со дезинформациите кои, како што изјави денеска премиерот Зоран Заев, стануваат сериозен упад во демократските и изборните процеси и влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите.
-Дезинформациите се еден од главните предизвици за демократијата во 2019 година и алатка за манипулација со граѓаните. Злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања станаа сериозен упад во демократските и изборните процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите, изјави на денешната прес-конференција премиерот Заев.
Тој додаде дека земјава во изминатите две години во повеќе наврати се соочила со масовно ширење дезинформации на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми, а, како што рече, дел од информациите биле споделувани и од територии на други држави.
-Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Наша цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата, рече Заев.
Предлог акцискиот план е сублимат на препораките во борбата со дезинформациите и е изработен како резултат на следење на мерките на ЕК, Советот на Европа, секторот за комуникации на НАТО, соработката за професионализација на комуникациите со Британската амбасада, со УСАИД, со Европската мрежа за дигитална комуникација и други.
Планот се состои од два дела, во првиот се опфатени безбедносни, а во вториот проактивни мерки. Во делот на безбедносните мерки, се предвидува: ревидирање на постоечките и креирање нови внатрешни бебзедносни протоколи за комуникација во институциите и со надворешните субјекти со цел намалување на можности за протекување сензитивни информации, воведување безбедносни протоколи за дигитални комуникации за сите државни службеници за безбедно користење интернет, службена електронска пошта и службени мобилни телефони и зајакнување на внатрешната ИТ инфраструктура во Владата и министерствата за спречување надворешни напади на инфраструктурата. Во овој дел премиерот Заев ја спомена и веќе извршената промена на неговиот телефонски број и на мобилниот уред и имплементирањето безбедносен протокол за дигитални комуникации, како и воспостваувањето протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата со цел брзо спротивставување на дезинформации кои се шират преку социјални мрежи и интернет портали.
Во делот на проактивните мерки, меѓу другото се предвидува формирање Акциска група за борба против дезинформациите во која ќе учествуваат претставници од канцелариите на премиерот, на претседателот на државата и на Собранието, од МВР; МНР, МО, УБК Агенцијата за разузнавање и други институции чија задача ќе биде анализирање и следење на појавите на дезинформирање на јавноста и координирање на борбата против ширење на дезинформациите. Групата ќе ја координира министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски и Марјан Забрчанец посебен советник за односи со јавност во кабинетот на премиерот. Акциската група ќе спроведува едукативна кампања за штетеното влијание на дезинформациите, ќе соработува со сите платформи на социјалните медиуми кои најчесто се користат за брзо ширење дезинформации. Владата ќе започне и процес на креирање Национална стратегија за медиумска писменост во чии рамки ќе бидат опфатени и активности на институции, медиуми и граѓанскиот сектор.
Предвидено е да се воведат и, како што се вели, јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес-конференции во согласност со стандардите на новинарската професија.
На новинарско прашање дали ова значи дека Владата ќе ги едуцира новинарите како да известуваат од владините настани, беше посочено дека не станува збор за едукација на новинарите, туку за следење на стандардите на новинарската професија за време на владините настани.
-Целта е да воспоставиме правичен систем за сите, затоа што ако сакаме да воведуваме правила и европски вредности, нешто што дало резултат во помодерните земји сакаме во оваа бора против лажните вести и кај нас да го применуваме, рече Заев.
Во однос на финансиски средства за спроведување на Акцискиот план, беше посочено дека средства постојат, но ќе се утврди потребата за тоа низ дебатите и разговорите со новинарите, сопствениците на медиумите за одржливост на медиумскиот простор.
-Ние сакаме рацете на политиката да ги тргнеме од медиумите. Гледате две години и еден месец од Владата немаме директни пари во ниту еден медиум, а знаеме дека медиумите мора да имаат одржливост. Заради интегритетот на професијата новинар и на медиумите, тоа е нешто кое ќе се случува во паралелни агенди согласно европските модели кои многу други земји ги применуваат, рече Заев.