Поддршка од Синдикатот на Клинички за предложените измени во Законот за здравствената заштита – ММС
ММС

Објавено на: 07/24/19 1:48 PM

Поддршка од Синдикатот на Клинички за предложените измени во Законот за здравствената заштита

Синдикатот на Клинички центар (ССКЦ) денеска  соопшти дека ги поддржува предложените измени во Законот за здравствената заштита, откако претходно за нив имаше низа забелешки кои и јавно ги истакнуваше.

Од Синдикатот сметаат дека биле единствен релевантен чинител кој во 2014 – та година кога беше донесен овој Закон, на дебата остро се спротивставил на утврдените услови за договорот за специјализација нарекувајќи го таквиот договор „лихварски” и оценувајќи го како штетен и барал од предлагачот негово повлекување.

Синдикатот на барање на своите членови – доктори на специјализација, организирал официјални состаноци со Здружението на специјализанти и Асоцијацијата на специјализанти каде биле договарани постапките за остварување на заедничката цел – коректни и прифатливи договори за специјализација, истоветни на сега предложениот сооднос 1:1, односно по завршување на специјализацијата од шест години, докторите задолжително да работат уште најмалку шест години во ЈЗУ која им ја финансирала специјализацијата.

За цело време Синдикатот барал при дополнителната дејност, согласно ценовникот за преглед или интервенција утврден од ЈЗУ, да се наплати услугата на медицинскиот тим, добивката на ЈЗУ и другите трошоци (потрошен материјал, амортизација на апаратурата и сл.), а притоа на пациентот, корисник на дополнителната дејност да му важи осигурувањето.

Од Синдикатот велат дека се залагале да се укине и менаџерскиот испит за директорите сметајќи го истиот како нецелисходен.

Синдикалците од Клинички сметаат дека е позитивна законската можност, пензионираните доктори да работат како консултанти доколку тоа од нив го бара институцијата во која работеле.